Почнува првиот уписен рок на УКИМ – слободни над 9 900 места за студенти во прва година

Најголем број слободни места годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) или 1 030, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1.020 и на Филозофскиот, 895. На Правниот факултет има 705, а Економскиот факултет е со 700 слободни места

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денеска и утре се врши пријавување за првиот рок за упис на студенти на прв циклус студии во учебната 2024/2025 година. Процесот се одвива на 23 факултети што се во состав на најстариот и најголемиот универзитет во земјава, каде слободни се вкупно 9 921 места за нови студенти, од кои 4 761 за редовни студенти кои се финансираат од буџетот, 4 210 за редовни со школарина и 950 за вонредни студенти.

Најголем број слободни места годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) или 1 030, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1.020 и на Филозофскиот, 895.

На Правниот факултет има 705, а Економскиот факултет е со 700 слободни места.

Цената за партиципација останува непроменета, што значи дека за редовните студенти во државната квота останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинасираат студиите и за вонредните студенти е 400 евра годишно.

Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември, а на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати. 

Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.

На „Св. Климент Охридски“-Битола има вкупно 2 404 слободни места (1 309 за редовни студенти во државната квота, 679 за редовни со кофинансирање на студиите и 416 места за вонредни студенти). На Државниот универзитет Тетово има вкупно 4 752 слободни места (2 477 во државната квота, 1 615 со кофинансирање на студиите и 660 вонредни студенти). На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип има вкупно 3 983 слободни места (за редовни студенти во државна квота 2 223, за редовни со кофинансирање на студиите 950 и за вонредни студенти слободни места има 810). На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 364 бруцоши (200 во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти). На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје слободни се вкупно 1 805 места за студенти (во државна квота 1 260, 325 за редовни со кофинансирање на студиите и 220 за вонредни студенти). 

Инаку, Министерството за образование и наука (МОН) воведе две нови мерки за подобрување на условите за студентите. Зголемен е износот на студентскиот оброк, мерка која ќе ги опфаќа и новите бруцоши кои ќе стекнат статус на студенти до 20 септември.

Дополнително, мерката за стипендии за студии од втор циклус ќе се отвори и за студентите со завршени тригодишни студии од прв циклус, што претходно не беше возможно, а со што ќе има поголеми можности за повеќе од 1 000 студенти.

- Реклама -