Сојузниците го потврдија ветувањето за зајакнување на одбраната на Украина

Во соопштението од Алијансата се наведува дека сојузниците денеска потврдиле оти ја засилуваат својата воена помош за Украина

Советот НАТО-Украина на денешниот состанок ги осуди неодамнешните тешки руски воздушни напади врз украинските цивили и инфраструктурата и ја потврдија својата посветеност за дополнително зајакнување на одбраната на Украина.

Во соопштението од Алијансата се наведува дека способноста на Украина да ја одржи својата одбрана бара зголемено снабдување и поголема поддршка.

„Во пресрет на последниот руски напад, сојузниците денеска потврдија дека ја засилуваат својата воена помош за Украина. Мора да продолжиме да ѝ даваме на Украина опрема и муниција што ѝ се потребни за да се одбрани од руската инвазија. Ова е од витално значење за способноста на Украина да остане во борбата“,

вели генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претседаваше со состанокот.

Во соопштението се додава дека од почетокот на инвазијата на Русија, сојузниците дадоа невиден придонес во одбраната на Украина.

„На Самитот на НАТО во јули, бројни сојузници објавија дека ќе испратат на Украина дополнителни стратешки системи за воздушна одбрана, вклучително и повеќе ракети ‘патриот‘, а сојузниците се согласија дека заедно ќе обезбедат минимум 40 милијарди евра безбедносна помош во следната година. Сојузниците, исто така, се согласија да ја координираат безбедносната помош и обука за Украина, при што новата команда на НАТО ќе ги преземе овие задачи кои ќе станат оперативни во септември“,

се вели во соопштението.

Денешната средба се одржа на амбасадорско ниво и беше свикана на барање на Украина. Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ги информира сојузниците преку видеоврска за моменталната безбедносна ситуација и приоритетните потреби за капацитети.

Советот НАТО-Украина беше создаден на Самитот на НАТО во јули 2023 година и служи како форум за заеднички консултации, донесување одлуки и активности меѓу НАТО и Украина.

- Реклама -