Мицкоски смета дека со изјавата за обидот за поткуп вознемирил одредени центри на влијание и порача дека во политиката нема место за криминалците

Премиерот вчера изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица

Додека јас сум премиер, место за криминалците во политиката ќе нема. Mораме силно да се бориме против криминалот и корупцијата, порача денеска од Македонска Каменица, премиерот Христијан Мицкоски.

„Мораме да се бориме против криминалот и корупцијата, тие се од пандемиски размери кај нас и тоа е основната цел на оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’. Додека јас сум премиер, место за криминалците во политиката ќе нема и затоа на секој еден именуван и избран функционер од редот на ВМРО-ДПМНЕ му испраќам една порака, а тоа е да го чуваш твојот образ, така ќе го чуваш и мојот и на организацијата и така работиме до сега и така ќе продолжиме во иднина. Секој оној којшто ќе се заборави и којшто мисли дека во политиката треба да ужива, а не да биде слуга на граѓаните, без разлика од која структура доаѓа ќе биде казнет, а доколку биде тоа злоупотребено, да има криминал, тогаш ќе биде изведен пред лицето на правдата“,

рече Мицкоски потсетувајќи дека во рамките на неговиот кабинет ќе се отвори линија каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат девијантно однесување на административци и политичари.

Одговарајќи на новинарско прашање за вчерашната негова изјава дека бил жртва на обид за поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, зошто истиот не го пријавил во Обвинителството, премиерот изјави дека одлучил со јавност да се бори против криминалот и корупцијата.

„Гледам поедини центри на влијание како се вознемирени, а вознемирени се затоа што ова е стартен ден, јавна набавка којашто ја водела претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши, дека е време е на чесни политичари, луѓе коишто си го сакаат својот народ, својата татковина и ќе работат за интересите на своите сограѓани и својата татковина, и така ќе продолжам и во иднина“,

изјави Мицкоски.

Премиерот вчера изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.

„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“,

рече тој.

Мицкоски истовремено посочи и дека сите институции кои требало да бидат, се информирани за случајот.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), пак, информираа дека досега не добиле пријава за обидот за поткуп на Мицкоски, а од МВР изјавија дека постапуваат по повеќе предмети поврзани со криминал и корупција.

- Реклама -