ОЈО ГОКК досега не добило пријава за обидот за поткуп на Мицкоски, од МВР велат оти постапуваат по повеќе предмети поврзани со криминал и корупција

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) информираат дека до овој момент немаат добиено пријава за поткуп, а од Јавното обвинителство велат дека немаат информации каде е поднесена пријавата. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите инситуции кои требало да бидат, се информирани за случајот, односно дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија

Министерството за внатрешни работи (МВР) постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција, а во моментот кога ќе бидат во напредна фаза, јавноста ќе биде соодветно инофрмирана. Ова е одговорот што од МВР го дале за МИА во врска со денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски оти му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), пак, информираат дека до овој момент немаат добиено пријава за поткуп, а од Јавното обвинителство велат дека немаат информации каде е поднесена пријавата. Премиерот денеска изјави дека сите институции кои требало да бидат, се информирани за случајот.

Претходно денеска премиерот изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.

„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“,

рече тој.

- Реклама -