Предлог-законските измени за покачување на пензиите поминаа на Влада, наскоро и во собраниска процедура

Според предлог-законските измени предвидено е линеарно зголемување на пензиите за 2 500 денари на 1 септември годинава и на 1 март следната година со цел, како што велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, обезбедување пораст на животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за пензионерите

Предложените законски измени за линеарно зголемување на пензиите поминаа на владина седница, информира попладнево Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое е предлагач на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Според предлог-измените предвидено е линеарно зголемување на пензиите за 2 500 денари на 1 септември годинава и на 1 март следната година со цел, како што велат од Министерството, обезбедување пораст на животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за пензионерите.

„Поконкретнно, на 1 септември 2024 година сите видови на пензии остварени согласно овој закон заклучно со 31 август 2024 година се зголемуваат за 2 500 денари и на 1 март 2025 година, сите видови на пензии остварени согласно со овој закон заклучно со 28 февруари 2025 година, се зголемуваат за 2 500 денари“.

информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Откако поминаа на седница на Владата, додаваат од Министерството, наскоро измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување ќе се најдат и пред пратенците во Собранието.

- Реклама -