Лефков: Извештајот од банката покажува дека Бисера Антоанета со државни пари купувала куфери, подароци и чорапи

Пратеникот Миле Лефков на денешната прес-конференција презентираше документ за кој тврди дека бил извештај од банка за службената картичка на Костадиновска- Стојчевска

ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со изнесување, како што рекоа, докази за тоа дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска трошела државни пари за приватни потреби додека била на службен пат во Лондон.

Пратеникот Миле Лефков на денешната прес-конференција презентираше документ за кој тврди дека бил извештај од банка за службената картичка на Костадиновска- Стојчевска.

„Вистината е дека Бисера Антоанета купила куфери, мечиња, хулахопки и чорапи со државни пари. Ова е месечниот извештај за виза бизнис картичката сопственост на Министерството за култура, издадена на име на Бисера Антоанета. Од овој извештај јасно се гледа дека Бисера Антоанета на 26.10.2023 година со народни пари, од државната картичка си купила куфер ‘Самсонајт“ за 219 фунти. Од овој извештај јасно се гледа дека Бисера Антоанета потрошила 89 фунти во Гифт Галоре Лондон, од каде ги купила и плишаното мече и фудбалската  топка. Бисера Антоанета потрошила и 146 фунти во Гифт бокс Лондон, од каде како што веќе објавивме не доставила никакви сметки и не знаеме какви подароци си купила. Чорапите, хулахопките и помалиот куфер од 59 фунти Антоанета ги купувала со државни, службени пари во кеш, за што доставила сметки до сметководството со цел правдање на готовината која ја има подигнато“,

рече Лефков и потсети дека извештајот кој го презентираше бил доставен архивиран во Министерството за култура, а го доставила лично тогашната министерка.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера го повика Лефков да одбере време и медиум на кој ќе може двајцата да „ја чешлаат“ копијата од службената картичка за да се види дали имало несоодветно трошење.

Таа ги отфрли како лаги и манипулации обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Според поранешната министерка, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потреба да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата и го изгубила багажот.

- Реклама -