,,Прегрнати лузни” – изложба на младата уметница Мартина Спасовска

На 3ти септември, со почеток во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на младата уметница Мартина Спасовска ,,Прегрнати лузни” во мобилна / монтажна галерија во Паркот на франкофонијата.

На оваа изложба ќе биде претставена инсталација од отпаден текстил, со која уметницата продолжува да го истражува и претставува човечкото тело како главен елемент, особено фокусирајќи се на прашањата за човечката идентификација преку мотивите на лузните како физички и симболички белези.

Уметничко- просторната инсталација на Мартина Спасовска претставува проект што го истражува концептот на лузните како симболи на човечките искуства. Користејќи големи платна што висат од таван до под, уметницата создава интерактивен простор во кој публиката може да се соочи со своите лични и универзални искуства.

Инсталацијата вклучува висечки скулптури од отпаден текстил кои се обработени на начин што им придава изглед на различни видови лузни.

Преку оваа визуелна интервенција, Спасовска ги истражува како физичките така и емоционалните рани прифатени како дел од нашата животна приказна. Секоја лузна на платното носи со себе уникатна приказна – било да се работи за суетни флеки или изразени белези, кои симболизираат различни аспекти на нашите искуства и животни моменти.

Инсталацијата не само што ги прикажува лузните, туку и ги истражува нивните длабочини и значења. Разновидноста на текстури, од мазни и еластични до груби и рапави, служат како метафора за различните начини на кои нашите искуства и предизвици го обликуваат нашиот идентитет. Интеракцијата на публиката со инсталацијата, поминувајќи помеѓу скулптурите, создава можност за размислување и прифаќање на сопствените несовршености.

– Спасовска преку својата работа не само што ја истражува уметноста на лузните како физички белези, туку и ја поттикнува публиката да размислува за начинот на кој тие лузни, било да се видливи или невидливи, играат клучна улога во обликувањето на нашите животи и идентитеи, вели Анита Ивковиќ во рцензијата за изложбата.

Мартина Спасовска е млада визуелена уметница. Дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности – насока сликарство во 2023.

Нејзината уметничка практика се
фокусира на истражување на различни емоционални човечки состојби користејќи го човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет.

Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Има учествувано на неколку групни изложби во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косовои Турција.

Првата самостојна изложба ја реализираше во 2023 година во Младински Културен Центар во Скопје.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам на РМ и ќе биде отворена до 15ти септември 2024.

- Реклама -