Макрон ја отфрли опцијата за левичарска влада

По првиот круг консултации со политичките партии што започна во петокот, Макрон ја отфрли опцијата за формирање влада само „врз основа на програмата и самите партии“ на левичарската коалиција НФП

Францускиот претседател Емануел Макрон ја отфрли опцијата за левичарска влада поради „институционална стабилност“ и најави нови консултации од утре, се вели во соопштението од Елисејската палата.

Макрон ги повика социјалистите, зелените и комунистите да соработуваат со другите политички сили. Во исто време, тој не ја спомена екстремно левичарската партија Неосвоена Франција (ЛФИ), со која социјалистите, зелените и комунистите ја формираа левичарската коалиција „Нов народен фронт“ (НФП), која освои најголем број места во парламентот на изборите во јули, но не и апсолутно мнозинство.

По првиот круг консултации со политичките партии што започна во петокот, Макрон ја отфрли опцијата за формирање влада само „врз основа на програмата и самите партии“ на НФП.

„Левичарската влада би била веднаш цензурирана од сите други групи претставени во Националното собрание и институционалната стабилност на нашата земја, затоа бара да не ја избираме оваа опција“,

рече Макрон.

Лидерот на ЛФИ, Мануел Бомпар, веднаш го осуди „неприфатливиот антидемократски удар“.

Макрон ги повика сите политички лидери да ја искористат можноста и „да покажат дух на одговорност“ и додаде дека утре ќе започне нов циклус консултации со партиските лидери и „личностите кои имаат искуство во служба на државата и на Републиката, со цел Франција да добие премиер“.

- Реклама -