Битиќи: Нападите кон моите колешки се поради потребата на ВМРО-ДПМНЕ за дефокус од исклучувањето на „Отворени финансии“

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од СДСМ оценува оти ништо не се сменило во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека партијата се обидува со лажни и перфидни објави да ја доведе јавноста во заблуда

Коментирајќи го скандалот „Бисера Антоанета“, кој го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, оцени дека ваквите напади се поради потребата на власта за дефокус на јавноста од забелешките на граѓанските организации за исклучувањето на функционалноста на алатката „Отворени финансии“.

Фатмир Битиќи, ексвицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник на СДСМ

„Мојата колешка Бисера Костадиновска-Стојчевска не е единствената која е мета на нивните директни напади – тоа го прават и со Славјанка Петровска и ќе го прават и со многу други. Вистинската причина за сите овие напади не се измислените скандали, туку потребата да ја дефокусираат јавноста од сериозните забелешки од страна на Платформата на граѓанските организации за борба против корупција за нетранспарентност и обиди за криење на коруптивни дејствија со исклучувањето на функционалноста на алатката ‘Отворени финансии’ и со блокирање на пристапот до податоците за државните тендерски постапки од Бирото за јавни набавки“,

пишува Битиќи во објава на Фејсбук.

Поранешниот вицепремиер оценува оти ништо не се сменило во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека партијата се обидува со лажни и перфидни објави да ја доведе јавноста во заблуда.

„Се обидуваат со лажни и перфидни објави да ја доведат јавноста во заблуда и потоа истите тие таканаречени информации ги споделуваат преку нивната армија од ботови по социјалните мрежи со цел оцрнување на СДСМ и прикривање на сопствената неспособност за водење на државата на транспарентен и домаќински начин. Заплашувањето е стара авторитарна метода која и во најтешкиот режим не дала резултат, а ниту сега нема да ни ја одземе слободата и нема да нè замолчи!“,

додава Битиќи.

Претходно денеска од Платформата на граѓански организации за борба против корупција побараа итно враќање во функција на порталот „Отворени финансии“, кој последен пат е ажуриран пред повеќе од два месеца. Оттаму бараат Министерството за финансии да овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.

„Отворени финансии“ има за цел да ѝ овозможи на јавноста увид во податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на државниот буџет, со кои располага трезорот на Министерството за финансии.

- Реклама -