Исламската држава објави видео од наводниот напаѓач со нож во Солинген

Терористичката организација Исламска држава (ИД) објави видео на кое наводно се гледа осомничениот одговорен за фаталниот напад со нож во градот Солинген во западна Германија, јави ДПА.

На околу едноминутното видео може да се види маскиран млад човек кој држи долг нож кон камерата. Тој на арапски му ветува верност на лидерот на Исламската држава, обраќајќи му се со почесната титула „Емир“.

Исламска држава во саботата ја презеде одговорноста за нападот во кој загинаа три лица, а уште осум беа тешко повредени.

Автентичноста на видеото и дали човекот прикажан во него е навистина осомничениот кој моментално го држат германските власти, првично не можеше да се потврди.

Германските обвинители претходно вчера соопштија дека судија издал формален налог за апсење поради сомнение за убиство и членство во терористичката група Исламска држава, меѓу другите обвиненија.

Сириецот (26) ја следи идеологијата на терористичката организација Исламска држава и ѝ се придружил некаде пред 23 август, се вели во соопштението. Обидот за депортација на барателот на азил не успеа во 2023 година, се додава.

Нападот беше извршен во петокот вечерта на плоштад во центарот на градот Солинген каде што се одржуваше фестивал за прослава на 650-годишнината на градот.

- Реклама -