Нетанјаху по воздушниот напад во Либан: Израел не го кажал својот последен збор

Израелскиот премиер рече дека Израел презел превентивна акција против групата Хезболах поддржана од Иран и дека израелската противвоздушна одбрана ги пресретнала сите проектили и беспилотни летала што ја нападнале

Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел / фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN / POOL

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека Израел „не го кажал својот последен збор“ со нападите што ги изврши рано утринава во јужен Либан за да спречи напад од големи размери на шиитското движење Хезболах.

„Пред три недели го елиминиравме неговиот врховен командант (на движењето Хезболах), а денеска го спречивме неговиот план за напад“,

рече Нетанјаху на почетокот на владиниот состанок, цитиран од неговата канцеларија.

Оваа изјава Нетанјаху ја даде по нападот што го изврши Хезболах како одговор на атентатот врз еден од нејзините највисоки воени лидери, Фуад Шукр, во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут на 30 јули.

Премиерот Нетанјаху рече дека Израел презел превентивна акција против групата Хезболах поддржана од Иран и дека израелската противвоздушна одбрана ги пресретнала сите проектили и беспилотни летала што ја нападнале.

„Лидерите на Хезболах и Иран треба да знаат дека нашиот одговор е уште еден чекор кон промена на ситуацијата на северот на земјата и безбедно враќање на нашите граѓани во нивните домови и дека ова не е крајот на оваа приказна“,

рече Нетанјаху.

Инаку, израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека нивни борбени авиони нападнале позиции на Хезболах во јужен Либан откако оцениле дека движењето поддржано од Иран се подготвува за ракетен напад на израелска територија. 

Речиси истовремено, утрово Хезболах објави дека извршила напади на Израел со беспилотни летала и ракети, во знак на одмазда за убиството на командантот на движењето минатиот месец. 

- Реклама -