Тошковски: Почнуваме со посебна оперативна акција фокусирана на безбедноста на Скопје

Министерот за внатрешни работи рече дека од денеска официјално им објавуваат војна на „багабонтите и криминалците“ на кои, како што кажа, од страна на претходната власт им било дозволено „толку многу да хараат, како во Скопје, така и на целата територија на Македонија“ 

Прашан да појасни колку вкупно лица се осомничени за убиството кај „Мавровка“, кое ја потресе јавноста, Тошковски рече дека според информациите и доказите што ги имаат, станува збор за две лица

Во врска со тоа што и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ и лицето за кое постојат сомненија дека му помагало биле избегани од затвор, Тошковски рече дека во текот на минатата и оваа година само од затворите „Идризово“ и Шутка во Скопје избегале околу 200 затвореници

Министерството за внатрешни работи (МВР) од денеска почнува со спроведување посебна оперативна акција која ќе биде фокусирана на безбедноста на Скопје, изјави министерот Панче Тошковски.  

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител / Фото: Принтскрин

Оперативната акција, за која Тошковски информира во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на прашања поврзани со убиството што неделава се случи во близина на трговскиот центар „Мавровка“, предвидува зголемено присуство на полициски службеници на терен.   

„Од денеска па натаму отвораме посебна оперативна акција којашто ќе треба да биде фокусирана исклучиво на безбедноста на градот Скопје и на скопјани, оперативна акција која ќе обезбеди зголемено присуство на полициски службеници на терен. Граѓаните нека знаат дека тоа е затоа што сакаме да ја доведеме безбедносната состојба таква каква што треба да биде“,  

изјави министерот за внатрешни работи.

Говорејќи во таа насока, тој рече дека од денеска официјално им објавуваат војна на „багабонтите и криминалците“ на кои, како што кажа, од страна на претходната власт им било дозволено „толку многу да хараат, како во Скопје, така и на целата територија на Македонија“. 

„Е сега нема да го прават. Сега нема како ‘Шиша бар’, оној што ќе го стори убиството до ден-денеска да не е откриен и да не биде спроведено соодветно дејствие за него. Сега оној што ќе стори убиство ќе биде фатен и ќе биде однесен таму каде што му е местото и факт е дека тоа се случи во оваа акција којашто ја спроведовме во врска со убиството што се случи кај ‘Мавровка’. Факт е дека човекот е уапсен и факт е дека се наоѓа зад решетки и ќе остане таму долго време“,

рече Тошковски.  

Прашан да појасни колку вкупно лица се осомничени за убиството кај „Мавровка“, кое ја потресе јавноста, Тошковски рече дека според информациите и доказите што ги имаат станува збор за две лица.  

Министерот беше прашан за појаснување, бидејќи по убиството, полицијата приведе три лица. За едно од нив, кое е осомничено како директен извршител на убиството, Обвинителството веќе отвори истрага и му одреди мерка притвор. Друго, кое беше приведено е пуштено на слобода бидејќи не беше утврдена повразност со настанот, а трето лице, по кое се трагаше, самото се пријави во полиција и откако беше утврдено дека станува збор за избеган осуденик е вратено во затворот во Шутка на доиздржување на казната за друго кривично дело.

Според Тошковски, информациите и доказите со кои располагаат упатуваат на тоа дека ова лице му помагало на првоосомничениот дента кога се случи убиството.     

„Лицето коешто го приведовме (првоосомничениот н.з.), согласно доказите коишто ги имаме обезбедно, како материјални, така и вербални, е сторителот на убиство од користољубие. Согласно доказите коишто ги имаме обезбедено во рамки на постапката, предметното лице било во придружба на друго лице коешто е осомничено и за коешто ќе си се преземат соодветни процесни дејствија во рамки на она коешто треба да следува од аспект на кривична постапка во иднина. Согласно сегашните информации и докази коишто ги имаме, убиецот имал помош во рамки на неговите процесни дејствија, во текот на денот кога се случило убиството од страна на предметното лице коешто е вратено во Шутка“,

изјави министерот за внатрешни работи.  

Местото на убиството кај трговскиот центар „Мавровка“ / Фото: Зоран Јовановски / „360 степени“

Тој, без да ја именува, одговори и на обвинувањата на пратеничката на СДСМ и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска, во врска со нејзините прашања зошто не биле објавени иницијалите на осомничените. Според министерот, тоа било за да се запази принципот на презумција на невиност. 

„МВР ги објави иницијалите за оној којшто бевме сигурни дека постојат основани сомненија дека го сторил делото, особено во однос на делот дека пукал кон полициски службеници, затоа и беа веднаш објавени иницијалите. Но, не беа објавени иницијалите за второто лице, за коешто утврдивме дека не е поврзано со предметниот кривично правен настан согласно доказите што ги имаме и истото беше ослободено. Замислете да ги објавевме иницијалите, тие, верувајте ми дека веднаш ќе беа пренесни во јавноста во одреден контекст и лиферувани на одреден начин и веднаш ќе беа поврзани со одредено име и презиме“,

вели Тошковски.  

Одговарајќи на прашање, во врска со тоа што и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ и лицето за кое постојат сомненија дека му помагало биле избегани од затвор, Тошковски рече дека во текот мината и оваа година само од затворите „Идризово“ и Шутка во Скопје избегале околу 200 затвореници.  

За ова тој ги обвини поранешните први луѓе на Бирото за јавна безбедност и на двете казнено-поправни установи поставени на овие функции од, како што рече, власта на СДСМ и ДУИ.   

„Јас сакам да поставам едно прашање – зошто 200 луѓе избегале од затвор за време на директорувањето на претходниот директор на БЈБ во текот на 2023 и 2024 г. Зошто 200 луѓе избегале од Шутка и од ‘Идризово’ за време на претходните директори на Шутка и на Идризово. Да не ги пуштиле случајно? Да не ги пуштиле со намера“,

рече министерот за внатрешни работи во интервјуто.  

Прашан дали полицијата презема некакви конкретни мерки за пронаоѓање и враќање на овие осудени лица во затворите од каде што побегнале, Тошковски информира за новата оперативна акција на МВР чиј фокус ќе биде безбедноста на Скопје.   

- Реклама -