Обвинителството со жалба бара повисоки казни за обвинетите за несреќата кај Ласкарци

Според јавниот обвинител, во однос на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д. судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност за тешката сообраќајна несреќа во која загинаа 16 лица, а уште 38 беа повредени

Основно јавно обвинителство Скопје / фото: „360 степени“

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека предметниот јавен обвинител Дарко Јакимовски до Апелацискиот суд Скопје поднел жалба против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци во која учествуваше автобус на компанијата „Дурмо турс“.

Обвинителот предлага Апелацискиот суд да ја преиначи првостепената пресудата и на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д. да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните – забрана за вршење професија, дејност или должност.

Според јавниот обвинител, првостепениот суд донел извонредно значајна пресуда, битна за казнено-правниот систем и покажал дека никој не може да ја дерогира и супституира судската улога во процесот на одлучувањето.

„Преку критичка оценка на доказите, поединечно и во нивното содејство, првостепениот суд не дозволи судската пресуда да зависи само од осамено и на ништо непоткрепено мислење на вештаци вклучени во супервештачењето, кои не успеаја да изградат јасен став за клучни прашања, а ја пролонгираа главната расправа повеќе од една година“,

наведува јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Јакимовски смета дека Судот правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и го применил Кривичниот законик кога нашол дека во дејствијата на сите обвинети се содржани сите битни елементи на кривичните дела за кои се огласени за виновни. Меѓутоа, обвинителот појаснува дека жалбата е поднесена поради одлуката за висината на кривичните санкции изречени за четворица од обвинетите.

„Основниот кривичен суд Скопје, како првостепен кривичен суд, со пресудата од 26.12.2023 година, обвинетиот Д.Б. го огласи виновен за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 вв со чл.297 ст.2 од КЗ и го осуди на казна затвор во траење од четри години, во која казна му е засметано и времето поминато во притвор и куќен притвор. Обвинетиот Р.М. судот го огласи виновен за истото кривично дело и го осуди на казна затвор во траење од шест години, во кои му е засметано и времето поминато во притвор и куќен притвор. Обвинетите И.Ѓ., Г.Д. и Ј.Б. виновни за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и  имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 вв со чл.299 ст.1 вв со чл.22 од Кривичниот законик беа осудени на затворски казни во траење по пет години, во кои е засметано времето поминато во притвор и куќен притвор. Возачот М.Т., за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 вв со чл.297 ст.1 од КЗ, беше осуден на казна затвор во траење од 14 години, во кои се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор“,

посочи Обвинителството.

Според јавниот обвинител, во однос на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д. судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за тешката сообраќајна несреќа во која загинаа 16 лица, а уште 38 беа повредени.

„Животите на патниците кои се превезувале не само во предметниот автобус, туку и во другите автобуси и останатите учесници во јавниот сообраќај биле директно загрозени од начинот на кој обвинетите ги извршувале своите законски обврски“,

истакна јавниот обвинител во жалбата.

Тој потсетува дека во континуитет предметниот автобус бил прогласуван за технички исправен иако воопшто не бил прегледуван, а 16 дена по последниот наводно извршен технички преглед, превозникот „Дурмо турс” вршел јавен превоз на патници со тој автобус без да биде сообраќајно регистриран. Било манипулирано и со брзината на движење и со „штелување” на тахометрите за да не се плаќаат казни не само на предметниот автобус, туку и на други автобуси.

-Имајќи го предвид степенот на кривична одговорност и придонесот кој го имал секој од обвинетите во настапување на тешките последици, јавниот обвинител ја обжали пресудата, соопштува Обвинителството.

Според обвинителството, за возачот М.Т. соодветна е високата затворска казна со оглед на неговата одговорност, но и непокажаното жалење за тешките последици во текот на судскиот процес. За обвинетиот Ј.Б. чиј придонес за несреќата бил најмал, јавниот обвинител оценил дека е доволна определената затворска казна.

„За останатите четворица, не е извршено санкционирање сразмерно со тежината на делото, јачината на загрозувањето на заштитните добра, како и степенот на кривична одговорност кај обвинетите чии пропусти доведоа до најтешките човечки загуби во патниот сообраќај на територијата на нашата држава. Од тие причини, за овие обвинети, јавниот обвинител предлага Апелациониот суд во Скопје да ја преиначи првостепената пресудата и на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д. да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните забрана за вршење професија, дејност или должност“,

се наведува во соопштението.

- Реклама -