СДСМ обвинува дека бегството на Блерим Рамадани било организирано

Како директни учесници во организирањето на бегството на поранешниот војник на Ослободителната војска на Косово, од СДСМ ги посочуваат Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука и уште едно вработено лице во Општина Чаир

На денешната прес-конференција, пратеникот Митко Трајчулески од редовите на СДСМ упати низа обвинувања на сметка на Министерството за внатрешни работи дека Началникот на северната граница Наим Рамука е директно инволвиран во бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани.

Трајчулески вели дека за транспортот на Блерим Рамадани на Косово, кој според нивни сознанија иако требало да биде во домашен притвор, на десетти август бил транспортиран во неговата земја од стра на Рамука. Имено, согласно информациите со кои располагаат, тој со возило марка „Рено“ го земал Рамадани од живеалиштето каде што бил во куќен притвор, по што се упатиле кон македонско-косовската граница каде во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај ја поминуваат границата без никаква контрола.

„Наим Рамука, за потсетување, е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница. Потоа, вечерта на 10.8, на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор“,

рече Трајчуловски.

Од СДСМ велат и дека Рамадани, четири дена подоцна, на 14 август успеал да побегне од земјава со помош на Началникот Рамука и уште едно лице вработено како раководител во Општината Чаир. На дента на бегството, според Трајчулески, лицето од општина Чаир со возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски таблички го транспортирал Блерим Рамадани на границата „Блаце“ каде биле пропуштени од раководителот на смена без никаква пасошка контрола. Раководителот пак, добил директна наредба да го пропушти возилото токму од Началникот Наим Рамука.

„Раководителот од општина Чаир го носи и остава на Косово Блерим Рамадани и за многу кратко време се враќа назад и повторно ја поминува границата без никаков документ. Според информациите, тој немал ниту лична карта ниту пасош со себе, но по наредба бил пропуштен да помине назад“,

велат од СДСМ.

Од СДСМ бараат одговорност и оставки од министерот Панче Тошковски и од Началникот Наим Рамука за овој скандал и порачуваат дека настанот е доказ оти бегството на Рамадани е координирана акција на Министерството за внатрешни работи и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ кои го бранат Наим Рамука кој според СДСМ ја приватизирал границата со Косово за свои лични потреби.

Пратеникот Трајчулески побара и од Обвинителството да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир, како и итна и неoдложна одлука за декласификација на камерите и снимките од границата за јавноста да ги види и се увери во нивните информации.

- Реклама -