Путин ја обвини Украина дека ја нападнала нуклеарната централа во Курск, Киев негира: Тоа се чисти лаги

Тврдењата на Путин дека Украина ја нападнала нуклеарната централа во регионот Курск, украински функционер ги нарече пропаганда и „чисти лаги“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска на состанок со највисоките функционери изјавил дека Украина синоќа ја нападнала нуклеарната централа во регионот Курск.

„Непријателот се обиде да ја нападне нуклеарната централа ноќе. Ја информиравме Меѓународната агенција за атомска енергија“,

рекол тој.

За време на средбата Путин не презентирал никакви докази за да ги поткрепи неговите тврдења.

Електраната Курск е една од најголемите руски нуклеарни централи и обезбедува приближно половина од електричната енергија во регионот во јужна Русија. Властите на Курск ќе постават бетонски засолништа во Курчатов, каде што се наоѓа нуклеарната централа Курск, изјави Алексеј Смирнов, вршител на должноста гувернер на регионот.

Путин наредил и создавање единици за самоодбрана во пограничните региони на Русија. Гувернерот на Брјанск рече дека властите во регионот спровеле и обука за итна евакуација од пограничните области.

Иако Москва досега се обидуваше да го намали значењето на ненадејниот упад на Украина на 6 август, таа евакуира 133 190 луѓе од „опасната“ погранична област, рече вршителот на должноста регионален гувернер.

Тврдењата на Путин дека Украина ја нападнала нуклеарната централа во регионот Курск, украински функционер ги нарече пропаганда и „чисти лаги“.

„Русија сака да нѐ обвини за нуклеарен тероризам. Тие можат сами да извршат ваква провокација и ќе се обидат да ја пренесат на меѓународно ниво“,

рече Андриј Коваленко.

Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, претходно изјави дека ќе ја посети централата во Курск поради безбедносни ризици.

- Реклама -