Врховен го укина решението на Кривичен и предметот за екстрадицијата на Рамадани го врати на повторно постапување

На 15 август, надлежен судски орган достави документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи е недостапен за органите на прогонот

Врховниот суд денеска го укина решението на Основниот кривичен суд-Скопје и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил дека постапката започната согласно член 75 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како скратена постапка да се води како редовна постапка согласно член 68 во врска со член 51 од истиот закон“,

се вели во соопштението од Врховниот суд.

Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд, по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука, додаваат од Врховен.

„При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има во предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот Дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука“,

се наведува во образложението на решението на Врховниот суд.

Блерим Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

МВР потврди дека на „Јажинце“ по барање на српскиот Интерпол е уапсен поранешен припадник на косовското ОВК

На 9 август косовското МНР информира дека Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира поранешниот припадник на ОВК во Република Србија.

Од МНР на Косово, како што јавија тамошните медиуми, рекле дека поранешниот припадник на ОВК ќе остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Косовско МНР: Судот во Скопје одлучи Блерим Рамадани да не биде екстрадиран во Србија

На 1 август тој беше пуштен во домашен притвор во Скопје каде што требаше да остане до 16 август.

На 15 август, надлежен судски орган достави документација до МВР за распишување на централна потерница за Блерим Рамадани, бидејќи е недостапен за органите на прогонот. 

- Реклама -