Арсовска: Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план, не сум погрешила ништо за да се повлечам

„Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но, таа средба не беше отворена за јавноста, па медиумите мораа да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран“, изјави градоначалничката на Скопје во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител

За состојбите во главниот град таа повторно прстот го впери во советниците во Град Скопје, кои, како што кажа, не ги гласаат одлуките, поради што оставка треба да се бара од нив, а не од неа

Апсурдно е да зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Ова го изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, прашана дали утре е крајниот рок до кога треба да го достави планот за надминување на проблемите со хигиената и со јавниот превоз во главниот град. 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител / Фото: Принтскрин

Таа изјави дека ѝ е многу жал што на средбата во Владата пред два дена, на премиерот Мицкоски му се чинело дека нема план. Арсовска рече дека на состанокот понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. 

„Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но, таа средба не беше отворена за јавноста, па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план“,

рече градоначалничката на Скопје. 

Првиот план, како што кажа, бил за набавка на екоавтобуси со кои би се решил хаосот со јавниот превоз во Скопје, поради недостатокот на автобуси и дотрајаноста на постојните, но Советот во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, додаде таа, не сака да ги гласа одлуките. Во врска со нејзината изјава од вчерашната прес-конференција дека Владата му должи на ЈСП осум милиони евра, Арсовска кажа дека нејзината администрација не бара никакви пари за екоавтобусите. Вели дека тие се финансиски консолидирани и дека тоа можат да го направат и од сопствениот буџет. 

„Ние не баравме никакви пари за екоавтобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците да може да ги набавиме екоавтобусите. На нас пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат. Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години кога ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните“,

рече Арсовска. 

Таа во интервјуто рече дека имаат програма за животна средина, програма за дополнителни активности, и тие треба да се изгласаат како одлука на крајот на годината заедно со буџетот, за да може од јануари да почне да се спроведува. Но, како што додаде, тоа досега не се направило, а повеќе од половина година е помината. 

„Половина година помина. Овие работи треба да се донесат на почетокот на годината сите заедно, за да немаме проблеми. Вие кога ќе почнете да каскате зад сето она коешто треба да се реализира во текот на годината, почнувајќи од јануари и еве речиси и септември и сè уште не се ниту донесени, прашањето е кога ќе почнете да ги реализирате, кога ќе почне да се работи? Проблемот е многу сериозен и многу суштински. Тој лежи во нечија политичка волја, а не лежи во тоа дали кога и како“,

рече Арсовска. 

Според градоначалничката, службите во Градот Скопје, поточно над 500 вработени, ја сработиле својата работа и го доставиле сето она што се доставува до Советот за да се гласа. 

„Доколку треба да ги молам советниците да гласаат, ете, сум ги замолила, не еднаш туку повеќе пати. Тие секој месец се замолувани, но од нив нема од нив никаква реакција“,

рече Арсовска.  

На новинарско прашање зошто не се повлече од функцијата, кога, како што вели, ѝ се прават опструкции, градоначалничката на Скопје рече дека ништо не погрешила за да се повлече. Напротив, како што додаде, оставка треба да се бара од советниците кои не гласаат.  

„Ништо не сум погрешила за да се повлечам. Од тие коишто нѐвгласаат во Советот треба да побарате оставка. Граѓаните мене ме изгласале да го водам Скопје и ги изгласале овие 45 советници кои што за 500 евра треба да се појават еднаш и да гласаат. Советот не може да најде заеднички јазик со мене. Тие кога имаа сопствени директори јас бев најдобриот градоначалник. Јас еден ден не сум имала одмор, ова е веќе трета година, секој ден прва доаѓам на работа, последна заминувам. Вакви советници како сега, да ви кажам искрено, во ваков состав, не знам дали досега некогаш имало. Да не се гласа ниту една одлука во интерес на граѓаните“,

рече Арсовска. 

- Реклама -