Две тела пронајдени во потоната луксузна јахта во близина на брегот на Сицилија

Едно тело е извлечено од водата во близина на местото на потоната луксузна јахта кај брегот на Сицилија, откако нуркачи пронајдоа уште две исчезнати лица.

Шефот на агенцијата за цивилна заштита на Сицилија, Салваторе Кочина, потврди дека се пронајдени две тела во јахтата која потона околу 5 часот наутро во понеделникот.

Тој рече дека ќе има истрага во догледно време, но приоритет е да се пронајдат оние кои се уште се водат за исчезнати.

Како што јави ДПА, зелена вреќа за тело била однесена во пристаништето Портчело каде чекале десетици вработени од службите за итни случаи.

Италијанската крајбрежна стража претходно не ја отфрли можноста исчезнатите, вклучително и технолошкиот тајкун Мајк Линч и неговата 18-годишна ќерка Хана, да се сè уште живи, а експертите шпекулираат дека при потонување на јахта може да се формираат воздушни џебови.

Меѓу исчезнатите се и претседателот на банката Морган Стенли Интернешнл, Џонатан Блумер, неговата сопруга Џуди Блумер, адвокатот на Клифорд Ченс, Крис Морвило и неговата сопруга Неда Морвило.

Утрово биле спроведени и проверки на внатрешниот труп на јахтата.

Тим од четворица британски инспектори од британската владина организација за истрага на морски несреќи (МАИБ) исто така пристигна во Портчело за да го истражат местото на потонувањето.

МАИБ истражува што се случило бидејќи јахтата Bayesian пловела под британско знаме.

Италијанската крајбрежна стража соопшти дека МАИБ не е вклучена во потрагата по исчезнатите лица и оти не е побарана помош.

Мајк Линч, еден од исчезнатите патници „е британскиот Бил Гејтс“. Тој е коосновач на софтверската компанија Autonomy, а во 2011 година ја продаде на американскиот компјутерски гигант Hewlett-Packard (HP) за 11 милијарди долари. Во јуни, тој беше ослободен во САД од повеќе обвиненија за измама, поради кои му се закануваше казна од 20 години затвор.

Јахтата потона истиот ден кога Стивен Чембрлен кој беше обвинет со Линч во случајот со измама, почина откако го удри автомобил.

Луксузната едрилица може да прими до 12 гости во шест апартмани. Сопственичката е Анџела Бакарес, сопругата на Линч, која е една од 15-те спасени луѓе. Преживеале и мајка и нејзиното едногодишно бебе од Велика Британија. Жената раскажала дека го држела своето бебе над површината на морето за да го спаси од давење.

Таа за италијанскиот весник „Ла Република“ изјави дека нејзиното семејство преживеало бидејќи биле на палубата кога потонала јахтата.

– Не разбудија громови, молњи и бранови. Се чувствувавме како да доаѓа крајот на светот. На две секунди ја изгубив ќерка ми во морето, а потоа брзо ја прегрнав, ја цитира весникот. Преживеаните раскажуваат дека патувањето го организирал Линч за неговите колеги од работа.

Брод кој пловел под холандско знаме во близина ги спасил преживеаните додека не пристигнала итната помош. Откако невремето поминало, капетанот Карстен Борнер рече дека неговиот екипаж забележал дека јахтата зад нив исчезнала.

– Видовме црвен факел, па јас и мојот прв офицер отидовме на позицијата и најдовме чамец за спасување со 15 преживеани, од кои тројца беа тешко повредени, изјави тој.

- Реклама -