Графичка Револуција: 17-та Работилница „Софија“ ја поврзува уметноста и културата во регионот

Вчера во Богданци беше официјално отворена 17-та Графичка работилница „Софија“, која повторно ги обедини најталентираните млади графичари од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Оваа уникатна работилница, која е единствена од ваков тип во регионот, ќе трае до 27 август, и ќе заврши со изложба на изработените дела на студентите учесници во Домот на културата „Бранд Петрушев“.

На отворањето на настанот беа потпишани два значајни меморандуми за соработка. Првиот, со Театар „Комедија“ од Скопје, предвидува учесниците на работилницата да изработат плакат за следна претстава која е во план, што е одлична можност за младите уметници да го покажат својот талент и во практична примена. Вториот меморандум е потпишан со Домот на културата во Богданци, со што се отвораат нови можности за културна соработка и уметнички проекти на локално ниво.

Директорот на Театар Комедија, Дарко Јан Спасов, го објави конкурсот меѓу учесниците за изработка на плакат за театарот, нагласувајќи ја важноста на оваа креативна можност. Директорот на Домот на културата „Бранд Петрушев“, Бранко Сапламаев, изрази задоволство од официјализирањето на оваа соработка и додаде дека се надева дека ќе понудат квалитетни културни содржини за жителите на Богданци и околните населени места.

„За мене е особена чест што сум дел од ваков проект кој овозможува креативност и размена на искуства меѓу млади уметници од регионот. Работилницата не само што го поттикнува творештвото, туку ги отвора и вратите за нови можности,“ изјави менторката од Хрватска, Ива Чуриќ.

Претседателот на здружението  Графичката работилница Софија Богданци, Виктор Семенпеев, додаде: Навистина ми е драго што се отвораат нови соработки, можност за нови истржување и вмрежувања. Благодарност упати за поддршката од Општина Богданци, Министерството за култура и Печатница Софија која 17 години стои зад овој значаен проект за сите млади уменици, за културата во Македонија и за културното брендирање на Богданци.

Графичката работилница „Софија“ продолжува да биде значајна културна манифестација која ги спојува младите уметници од регионот, нудејќи им уникатна можност за учење, соработка и творење во сите класични графички техники.

- Реклама -