И покрај напорите на САД, договор за примирје помеѓу Израел и Хамас сѐ уште нема

Со секој поминат ден може да им се случат повеќе лоши работи на луѓе кои не го заслужуваат тоа и затоа ова мора да се реши во следните неколку дена, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Ниту деветтата посета на државниот секретар Блинкен на Блискиот Исток не издејствува прекин на огнот во Појасот Газа. Откако ги посети Израел и клучните посредници помеѓу двете завојувани страни, Блинкен од Доха порача дека времето е од суштинско значење кога станува збор за постигнување на примирје и апелираше до претставниците на Хамас да го прифатат планот предложен од американската администрација.

„Со секој поминат ден може да им се случат повеќе лоши работи на добри луѓе кои не го заслужуваат тоа. Ова мора да се реши и тоа во следните неколку дена, и ние ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа“,

кажа Блинкен.

Планот на САД кој беше презентиран минатата недела наиде на одобрување од страна на Израел, но Хамас ги обвини Американците дека се обидуваат да купат време за Израел оти во договорот за прекин на огнот не биле опфатени клучните точки за кои се залага исламското милитантно движење или, поконкретно, израелскиот премиер Нетанјаху инсистирал Израел да ја задржи контролата на два коридора во Појасот Газа.

Американскиот државен секретар потврди дека разлики помеѓу Израел и Хамас има, но ги повика двете страни да бидат максимално флексибилни со своите ставови оти, како што кажа, постои ризик од поголема регионална ескалација доколку крвопролевањето не се запре.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден во Чикаго рече дека договорот за прекин на огнот е на маса, но и дека ништо не може да се предвиди оти Хамас отстапува од првичниот договор.

„Сè уште е во игра, но не можете ништо да предвидите. Израел вели дека може да се справи со тоа. Хамас сега отстапува“,

кажа Бајден.

- Реклама -