Владата именуваше нови в.д. директори во Управата за финансиска полиција и во ДЗС

На позицијата в.д. директор во Управата за Финансиска полиција е назначен Слободан Ивановски, а во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Џеват Селами

Владата на денешната 13. седница донесе неколку кадровски решенија, меѓу кои, именување на нови в.д. директори на Управата за финансиска полиција и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

На позицијата в.д. директор во Управата за Финансиска полиција е назначен Слободан Ивановски.

Ивановски, како што информираат од Владата, е магистер по правни науки со положен правосуден испит и има долгогодишно работно искуство во Управата за јавни приходи (УЈП), каде што во моментов е претседател на Комисијата за прекршоци во дирекцијата во Прилеп.

За в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), пак, е именуван Џеват Селами.

За Селами од Владата соопштија дека е дипломиран правник, членувал во повеќе работни групи, бил професор во СУГС „Арсени Јовков“, а од 2013 до 2020 година бил раководител на одделение за управување со човечки ресурси, а во моментот е раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување.

„Владата на Република Северна Македонија донесе заклучок и му предложи на Собранието на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, од должноста член на Надзорниот одбор на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, претставник на Владата да го отповика Златко Лазиќ, а за член на Надзорниот одбор да го избере Бојан Николовски“,

соопштија од Владата по денешната седница.

На денешната владина седница бил разгледан и предлогот на Комисијата за разгледување на пријави од кандидати за јавниот оглас за именување на еден член на Регулаторната комисија за енергетика. На оваа позиција, како што додаваат од Владата, на Собранието му е предложено да ја именува Елена Маркова Велинова.

- Реклама -