Васил Е. бил убиен со еден истрел, најверојатно од зад грб

Сите тројца сторители се од исто семејство од Скопје, кое ѝ е познато на полицијата од претходни криминални случаи – велат сознанијата на „360 степени“

Додека полицијата се обидува да го пронајде и уапси и третиот осомничен за денешното убиство кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, откако веќе уапси двајца осомничени, почнува да се склопува сликата за тоа што се случувало пред и за време на критичниот настан.

Убиство кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје / Фото: Зоран Јовановски / „360 степени“

Министерството за внатрешни работи (МВР) досега официјално соопшти дека откако било пријавено убиство, биле преземени оперативно-тактички мерки и дека притоа „на подрачјето на општина Чаир, забележано е патничко возило кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје“. Полицајците возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода, а „при преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице“.

Од МВР засега нема официјални информации за идентитетот ниту на убиениот ниту на напаѓачите. Нема официјални назнаки ниту за мотивите.

Сознанија на „360 степени“ од истрагата

„360 степени“ веќе објави дека жртвата е лицето Васил Е. и дека тој не е адвокат, како што се известуваше од повеќе медиуми во текот на денот. Васил Е. е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.

Иако истрагата во почетната фаза имаше индиции дека можеби станува збор за облик на изнуда, досега собраните докази упатуваат на тоа дека сторителите го следеле Васил Е. за да го ограбат. Причина за тоа е заедничкиот бизнис што Васил го имал со неговата сопруга, поврзан со изработка и продажба на накит. Дуќанот е во трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.

Конкретна цел на сторителите бил накитот што Васил го превезувал во неговиот автомобил. Откако го пресретнале на паркинг-просторот близу „Мавровка“, го отвориле багажникот на возилото и го земале накитот. На реакцијата на Васил одговориле со пукање. Во телото на Васил завршил еден истрел и тоа, најверојатно, од зад грб. Тој бил фатален за него. Дали напаѓачите имале погрешна проценка за вредноста на накитот, натценувајќи го, дополнително ќе се утврдува.

Инаку, сите тројца сторители се од исто семејство од Скопје, кое ѝ е познато на полицијата од претходни криминални случаи. Денешното убиство не се поврзува со синоќешното пукање во скопската населба Ченто, при што едно лице заврши во болница.

Правна квалификација

Конкретните кривични дела за кои ќе се гонат напаѓачите треба допрва да се прецизираат. Сознанијата на „360 степени“ велат дека едното дело, речиси извесно, ќе биде разбојничка кражба од член 238 и тоа став 5 од Кривичниот законик.

Конкретниот став предвидува дека ако при извршувањето на делото, некое лице со умисла е лишено од живот, сторителот ќе се казни со најмалку десет години или со доживотен затвор.

Со оглед на тоа што при обидот за приведување во Чаир, еден од напаѓачите почнал да пука кон полицијата, тој најверојатно ќе одговара и за обид за убиство на службено лице.

- Реклама -