И по средбата со Дамева, Мицкоски не отстапува од идејата за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пак, по средбата со премиерот изјави дека судската и извршната власт не треба да се гледаат како соперници, туку дека токму меѓусебната институционална соработка е важен чекор за враќање на довербата кај граѓаните. Изрази надеж дека денешната средба е првиот чекор кон унапредување на слабостите во судството и рече дека е уверена оти натамошната соработка ќе вроди со плод

И по денешната средба со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот оти ова судско тело, заедно со Советот на јавни обвинители, треба да биде распуштено.

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ / Фото: Влада

Говорејќи на прес-конференциајта во Владата по денешниот состанок со Дамева, Мицкоски повторно порача дека се потребни коренити промени во правосудството бидејќи, како што оцени, ако нема правна држава и владеење на правото, а криминалот и корупцијата се на високо ниво, тогаш тоа претставува безбедносен проблем.

„Како Влада по Устав и по закон имаме основна задача да ги заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеењето на правото, криминалот, перцепцијата за корупција, елитите, се безбедносен проблем за нашата држава. Како Влада мораме да реагираме. Ова е период кој ќе го поминеме во собирање на предлози и идеи, а потоа ќе излеземе пред јавноста со конечна позиција за тоа како ги гледаме реформите. Нормално, повторно ќе кажам, ние си стоиме на нашиот став за распуштање на тие институции за коишто зборуваме за целиот овој период. Не очекуваме брзи резултати, но очекуваме напредок со којшто ќе го превенираме овој безбедносен проблем којшто ни се случува поради тоа што немаме владеење на право, а имаме висок степен на криминал и корупција“,

изјави премиерот по денешната средба со претседателката на Судскиот совет.

Мицкоски додаде дека на средбата со претседателката на Судскиот совет истакнал оти не смее да има граѓани од прв и втор ред, туку дека сите мора да се еднакви пред законот.

„Ние си стоиме на нашиот став, на нашата програма, но сакаме да слушнеме. Доколку добиеме подобри идеи, се разбира дека тие идеи и ќе ги примениме, тука не треба да има никаква тајна“,

додаде Мицкоски.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пак, по средбата со премиерот изјави дека судската и извршната власт не треба да се гледаат како соперници, туку дека токму меѓусебната институционална соработка е важен чекор во поглед на враќање на довербата кај граѓаните. Изрази надеж дека денешната средба е првиот чекор кон унапредување на слабостите во судството и рече дека е уверена оти натамошната соработка ќе вроди со плод.

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет / Фото: Влада

Неселективната правда во државата, додаде Дамева, може да се спроведе исклучиво со меѓуинституционална соработка за детектирање на слабостите во институциите, и преземање во рамки на своите надлежности.

„Целосната имплементација на препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија зависи и од заложбите кои сите ние ги имаме. Судскиот совет веќе ги имплементира тие препораки и како главен патоказ за Судскиот совет се препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија и сметам дека тие треба да бидат во насока на успешно спроведување на реформскиот процес“,

изјави Дамева.

Претседателката на Судскиот совет не одговори на новинарските прашања за денешната средба и ги повика медиумите во Судскиот совет, каде, како што рече, ќе ги добијат сите одговори. 

- Реклама -