Ива Чуриќ: Графичката работилница „Софија“ како катализатор за уметнички развој и иновации

Трн: Зошто се одлучивте за темата информации и дезинформации во вашата уметничка пракса и како ја изразувате преку графички медиум?

Ива: Во последните неколку години темата на мојата работа во поширокиот тематски опсег е областа на информации и дезинформации. Во светот каде што секојдневно сме бомбардирани со големо количество слики кои се преплетуваат со виртуелното и физичкото, ми се чини дека е важно да разбереме како тие информации ја обликуваат нашата перцепција за реалноста, додека во целата таа комплексна врска се поставува прашањето што e всушност нашата реалност и колку реалности има.

Преку различни техники и медиуми, вклучувајќи графика, цртеж, простoрни инсталации, настојувам да разберам, и преку создадавање визуелни наративи, на некој начин, да ја распакувам слоевитата врска за тоа како дигиталните содржини влијаат на секојдневните искуства, перцепцијата на просторот и општествените интеракции. Темата е важна колку што е актуелна, без разлика дали зборуваме од позиција на поединец или колектив.

Трн: Вашата работа го истражува односот помеѓу сонот и реалноста, како и медиумите и вештачката интелигенција? Како оваа тема влијае на изборот на техники и медиуми во вашите дела?

Ива: Често се случува темата сама да ги одреди методите, техниките и медиумите за реализација на моите дела, при што во краен случај се стремам да создадам дијалог помеѓу сè што наведов. Од тоа произлегува дека секое дело имплицира создавање ново, надоврзувајќи се на претходното и така се создава континуиран наратив кој, верувам, се збогатува низ времето. Просто, едно моделира друго.

Денес е тешко да се избегне прашањето на вештачката интелигенција и нејзиното влијание на поединецот и општеството, особено кога се работи за теми поврзани со информации. Откако стана достапна како open source, вештачката интелигенција сериозно ги вознемири нашите интереси, така што повеќе не е само алатка, туку стана партнер во креативниот процес.

Трн: Имате изложувано на меѓународни изложби. Како тие искуства го обликуваа вашиот уметнички израз и што научивте од нив?

Ива:  Исклучително важно е да се види сопствената работа изложена во различни простори и услови. Секоја изложба е можност за рефлексија. Преку интеракција со публиката, можам да добијам увид во нивните искуства за моето творештво, што делумно дополнително ја обликува мојата понатамошна уметничка изразност. Изложувањето и презентацијата на работата претставува предизвик кој бара соочување со критики и повратни информации, а тоа е еден од најдобрите начини за преиспитување на сопственото создавање. Таквиот процес овозможува усовршување на идеите и техниките. Покрај тоа, имам среќа да се дружам со извонредни уметници со кои разменувам искуства и од кои секојдневно учам.

Трн: Како ги усогласувате вашите уметнички активности со работата во областа на ликовната педагогија? Дали едното влијае на другото и како?

Ива: Кога станува збор за усогласување на уметничките активности со работата во областа на ликовната педагогија, можам да кажам дека тие две области се обликуваат преку интеракција на искуства кои постојано се надополнуваат. По 15 години работа во двете области, увидов дека уметничката пракса и педагошкиот труд се преплетуваат на начини кои ги збогатуваат двата аспекта на мојот развој.

Работата со студентите ми носи задоволство, но и предизвици. Во таа средина, уметноста не ја перцепирам само како средство за изразување, туку и како моќен алат за поттикнување критичкото размислување и истражување. Секогаш кога подучувам, учам и јас. Прашувањата на студентите и нивниот ентузијазам често ме доведуваат во позиција да ги преиспитам сопствените идеи и методи на создавање, што ги надградува и двете практики со кои се занимавам.

Образовниот систем е сложен и за жал, понекогаш тежок за навигација, особено кога се работи за спроведување уметнички програми. Многу студенти кои излегуваат од академијата се соочуваат со предизвици на пазарот на труд и се борат со несигурност во својата кариера. Тоа дополнително ме поттикнува да го поврзам мојот педагошки, но и уметнички труд со конкретни, реални прашања и проблеми со кои се соочуваат младите уметници.

Трн: Како студентка учествувавте на Графичката работилница Софија во Богданци, а сега доаѓате во улога на ментор. Колку се вакви настани важни за млади графичари од регионот?

Ива: Графичката работилница Софија во Богданци, во ваков организациски формат, е исклучително ретка и особено важна за младите графичари од регионот. Како студентка, учествував на работилницата во 2009 година и тоа беше всушност првата сериозна графичка работилница на која имав можност да се пробам во техники кои до тогаш не ги практикував. Одлични луѓе, услови и соработка со колеги резултираа не само со професионални односи, туку и со трајни пријателства.

Целиот проект го гледам како одлична шанса за уметнички развој, особено за студентите, како и можност за понатамошно мрежно поврзување, а соработката на работилницата и Академијата за ликовни уметности од Загреб, чии студенти и професори соработуваат веќе петнаесет години, е пример за тоа. Сакам да ја истакнам извонредната фамилија Семенпееви која несебично со својот труд, ентузијазам и страст кон луѓето и медиумот графика води, организира и пречекува студенти и професори веќе седумнаесет години. Во рамки на работилницата учесниците имаат на располагање седум дена за размислување, работа, експериментирање и изложување на графиката во одлично обезбедени услови. Сè тоа остава позитивен впечаток за многу генерации млади уметници.

Оваа година имам привилегија да бидам ментор на работилницата со колешката Вида Меиќ, па се радувам што ќе имам можност да видам што ново и иновативно носат младите уметници од регионот во однос на графиката.

Трн: Колку е важна графичката работилница за младите графичари и по што се разликува од другите медиуми?

Ива: Графичката работилница е од исклучителна важност за младите графичари бидејќи им овозможува стекнување практично искуство и размена на знаење и страст кон графиката. Се разликува од другите медиуми по својата технолошка комплексност и посредноста која е вградена во самиот процес на создавање на графичкиот лист. На работилниците често се одвиваат дискусии за нијансите кои се важни специфично за графичарите, како што се густината на растерот или квалитетот на отпечатокот, што одразува сензибилитет на студентите кон техниките и темите што графиката ги носи. Се смета дека исклучителноста на ваквите работилници лежи и во издржливоста, упорноста и процесот кој бара постојана посветеност и страст кон графиката. Уживање е да се гледаат студентите кои во текот на тие седум дена, со ентузијазам работат, дискутираат за графиката како еден влијателен уметнички медиум.

Трн: Како тече процесот на соработка со други уметници и научници од различни области и колку тоа влијае на вашите индивидуални дела?

Ива: Генерално, тешко е да се зборува за отсуството на соработка со други области. Денешните истражувања и создавања се значително поврзани, така што трансдисциплинарноста станува скоро неопходна поради сè поголемата комплексност и предизвиците во пристапот до информациите, но и поради брзиот напредок на технологиите.

Од искуството и работата со научниците можам да кажам дека и едните и другите често наоѓаат инспирација и нови методи преку соработка што создава процеси кои им овозможуваат пристап до нови начини на обликување идеи, едноставно процесите на создавање стануваат побогати и покомплексни. Таквите начини на интеракција се одлични како платформи за трансформација на практиките во најпозитивна смисла.

Трн: На што треба да се фокусираат младите графичари кога го развиваат својот уметнички сензибилитет и посебност, оригиналност?

Ива: Кога зборуваме за уметнички развој, би рекла дека е клучно младите графичари и уметници пред сè да се насочат кон својата автентичност и личните интереси. Да не се плашат да проблематизираат, да ги провоцираат графичките медиуми или социјалните релации во кои живеат, феномените, политиките, општеството… во динамиката во која живееме верувам дека не е проблем да се најдат теми од сопствен интерес. Но, она што е потребно е дисциплина, понекогаш храброст и, секако, постојана работа. Значи, би рекла дека е важно да разберете што вистински ве инспирира, од што се чувствувате мотивирани и возбудени, кои искуства ве поттикнуваат да истражувате.

- Реклама -