Изборите ќе бидат борба за зачувување на демократијата во Америка, рече Бајден

Демократијата победи во 2020 г. и сега таа мора да се зачува, рече американскиот претседател во говорот на конвенцијата на Демократската партија во Чикаго

Еден месец откако се повлече од трката за реизбор, актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден синоќа на Демократската национална конвенција која се оддржува во Чикаго, беше пречекан со громогласен аплауз и поддршка од присутните.

Говорот го најави неговата ќерка Ешли, а кога се појави на сцената, публиката неколку минути го скандираше неговото име.

Фото: EPA-EFE/Mike Segar

Бајден во својот говор рече дека гласањето на следните избори е гласање за спас на демократијата и оддржување на слободата на американските граѓани, а единствен начин за тоа да се постигне е да се заокружат имињата на Камала Харис и Тим Волц.

„Демократијата победи. Ние ја донесовме демократијата. И сега демократијата мора да се зачува. Пред нас е пресвртна точка. Еден од оние ретки моменти во историјата кога одлуките што ги носиме сега ќе ја одредат судбината на нашата нација и на светот во децениите што доаѓаат. Тоа не е хипербола, мислам буквално. Ние се бориме за душата на Америка“,

изјави Бајден.

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Бајден говореше и за резултатите кои ги постигнале заедно со Камала Харис и за тоа како помогнале федералните држави и градови повторно да ги отворат училиштата по пандемијата. Зборуваше и за тоа како републиканскиот кандидат Доналд Трамп ги демонизира имигрантите, како и за ставање крај на војната во Појасот Газа за што, како што рече, работел деноноќно за да стави крај на страдањата на палестинскиот народ.

„Демонстрантите на улица имаат право. Многу невини луѓе гинат од двете страни. Харис е најдобрата личност која може да ја заврши работата што јас ја почнав, може да го победи Трамп и да ја заштити американската демократија од него“,

рече Бајден.

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Пред Бајден, говореше и неговата сопруга Џил која соопшти детали во однос на тоа зошто тој се решил да се откаже од кандидатурата.

„Го гледав како копа длабоко во неговата душа и одлучи да не бара реизбор и да ја поддржи Камала Харис. Нашиот син Бо првпат работеше со Камала кога беше јавен обвинител на Делавер. Една ноќ ми рече за време на вечерата – мамо, таа е посебна, некој на кој треба да внимаваш. И беше во право. Џо и јас ја видовме нејзината храброст, одлучност и каква лидерка е. Камала и Тим, ќе победите“,

рече Џил Бајден.

На конвенцијата се појави и Камала Харис која ги поздрави делегатите. Денеска се очекува збор да земат поранешниот претседател Барак Обама и сопругот на Камала Харис, а утре на говорницата се очекува да се појават кандидатот за потпретседател Тим Волц и поранешниот претседател Бил Клинтон.

Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

На последниот ден, в четврток, следува говорот на Камала Харис, кога и се очекува официјално да ја прифати кандидатурата за претседател на САД, со што ќе заврши конвенцијата.

Харис, која од Џо Бајден ја презеде номинацијата на Демократската партија за кандидат за претседател на САД, има мала но, според аналитичарите, значајна предност во анкетите пред Доналд Трамп, изборот на републиканците. Станува збор за три процентни поени на национално ниво.

- Реклама -