Дали Гаши носел патен налог за да може со службено возило да оди по невеста надвор од државата, прашуваат од ЛДП

Реакцијата на партијата следува откако на социјалните мрежи се појави видео од колона на автомобили, меѓу кои наводно и службеното возило на собранискиот претседател, за кого се тврди дека како сват заминал по невеста во Косово. Видеото изворно е објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк

Дали спикерот Африм Гаши со себе носел патен налог и поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата, прашуваат денеска од Либерално-демократската партија (ЛДП) откако на социјалните мрежи се појави видео од колона на автомобили, меѓу кои наводно и службеното возило на собранискиот претседател, за кого се тврди дека како сват заминал по невеста во Косово.

Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ / Фото: Архива

Видеото изворно е објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик Индекс.мк.

Во писмената реакција објавена денеска, од ЛДП бараат одговори дали ако собранискиот претседател Африм Гаши имал патен налог, по кој основ е издаден истиот, за која намена, во колкаво времетраење и колку сето тоа ги чини граѓаните со чии средства од даноците се одржуваат службените возила.

„ЛДП апелира да престане ‘каубојското’ однесување на одредени службени лица, претставници на институциите во државата и наместо да мавтаат со пиштоли по аеродроми и да одат на свадби во соседството со службени возила, да седнат и да сработат нешто за доброто на граѓаните и државата“,

се наведува во писмената реакција на ЛДП.

Од партијата изразија загриженост поради, како што велат, континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Собранието.

Со цел спречување на злоупотреба на државните возила, од ЛДП предлагаат сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани со иста боја, како такси-возилата во Градот Скопје. Ваков предлог имаше и претходниот состав на Антикорупциската комисија, но тој досега не е имплементиран.

- Реклама -