Армијата одбележува 32 години од формирањето

По тој повод, во Центарот за обука на вода во Охрид денеска ќе се одржи централна свеченост во присуство на највисокиот државен и воен врв. Обраќања ќе имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски

Денеска се одбележува 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање.

Припадници на Армијата / Фото: Архива

По тој повод, во Центарот за обука на вода во Охрид ќе се одржи централна свеченост во присуство на највисокиот државен и воен врв. Свои обраќања ќе имаат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Свеченоста ќе опфати и церемонија на примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата, а во рамки на настанот ќе се обратат досегашниот и новоименуваниот началник на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Одбележувањето на Денот на Армијата почна во петокот со традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот, а со воени церемонии празникот се одбележа и во командите и единиците на Армијата во сите касарни во земјата.

По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.

Честитка по повод Денот на Армијата упати министерот за одбрана Владо Мисајловски. Им се заблагодари на армиските припадници кои служат со чест, храброст и непоколеблива посветеност.

- Реклама -