Пожарот на Галичица делумно ставен под контрола, информира Ангелов

„Попладнево таму се наоблачи и од разговор со Управата со хидрометеоролошки работи имаме некоја надеж дека ќе заврне дожд којшто ќе ги скрати нашите маки“, вели првиот човек на ЦУК во попладневното информативно видеообраќање

Пожарот на Галичица е делумно ставен под контрола, информира попладнево директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. На гасење на огнот, како што информира Ангелов, интервенираат повеќе од 120 лица, меѓу кои ренџери во НП „Галичица“, пожарникари и доброволци.

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Во интервенцијата на терен дополнително се употребени два хеликоптера – армиски и полициски, како и еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Попладнево таму се наоблачи и од разговор со Управата со хидрометеоролошки работи имаме некоја надеж дека ќе заврне дожд којшто ќе ги скрати нашите маки“,

вели Ангелов во попладневното информативно видеообраќање.

Првиот човек на ЦУК информира дека денеска до 16 часот пријавени се вкупно 25 пожари на отворен простор од кои моментално се активни 11, шест се под контрола, а изгаснати се осум. Од единаесетте активни пожари, по два се во општините Долнени и Кичево, еден е на територија на општините Охрид и Ресен, а по еден има на териториите на Дебар, Македонски Брод, Новаци, Пласница, Росоман, Чашка.

- Реклама -