Отворено јубилејното 30-то издание на Сараево Филм Фестивал

Со премиера на новиот филм на босанско-херцеговскиот режисер Данис Тановиќ, „После летото“ снимен на островот Првиќ кај Шибеник, вчеравечер беше отворен 30. Сараевски филмски фестивал (СФФ), најголемиот и најпрестижен фестивал за филм во регионот.

Филмот на Тановиќ се прикажа истовремено во Сараево во Народниот театар, во летното кино Кока-кола, во летното кино Стари град и во Летниот кино центар „Сафет Зајко“. Премиера ќе има и на филмските фестивали во Мостар и Тузла.

„По летото“ е хумористична драма за една млада жена која доаѓа на оддалечен остров за да реши имотно прашање. Во виорот на нови емоции, низ низа непредвидени ситуации, Маја конечно ќе се соочи со прашања од нејзиното минато. Потрагата по наследство станува потрага по сопствениот идентитет, но и по простување.

Данис Тановиќ е повеќекратно наградуван режисер, сценарист и продуцент. Неговиот филм „No Man’s Land“ (2001), за кој тој го напиша и сценариото, беше награден со Оскар и Златен глобус за најдобар странски филм. Тој е двократен добитник на Сребрената мечка на Берлинскиот филмски фестивал за филмовите „Епизода во животот на еден берач на железо“ (2013) и „Смрт во Сараево“(2016). Добитник е на почесното„Срце на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал (2014) во знак на признание за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност и за неговата поддршка на Сараевскиот филмски фестивал. Филмот „После летото“ е продуциран од Propeller Film (Хрватска), во копродукција со Тангај Продукција (Романија), Обала Арт Центар (Босна и Херцеговина), Баш Челик (Србија) и Трамал Филм (Словенија).

До 23 август, на фестивалот ќе бидат прикажани повеќе од 250 играни, кратки, документарни и студентски филмови. За наградата „Срцето на Сараево“ се натпреваруваат 57 филмови. Вкупно 19 филма ќе имаат светска, 9 меѓународна, 3 европска, 23 регионални и 3 премиери. Со жирито претседава американскиот сценарист и режисер Пол Шрадер.

Директорот на Фестивалот, Јован Марјановиќ на свеченото отворање истакна дека отварањето на фестивалот е еден вид одраз на она што денес се случува низ светот и најави дека фестивалот ќе продолжи да расте и да се развива.

– Оваа јубилејна година одбележува три децении на нашата посветеност во прикажувањето на најквалитетните филмови пред публиката, а служиме и како клучна платформа за развој на регионалната кинематографија. Светот околу нас, за жал, не е подобар, во однос на времето кога го создававме фестивалот, но нашето искуство во изминатите 30 години покажува дека рефлексијата на најтешките времиња преку дијалог и уметност, не е само важна, но и неопходна ако сакаме да преовлада мирот- истакна Маријановиќ.

Вчерашното отварање и големиот јубилеј, 30-годишнината, на црвениот тепих донесе многу гламур но еден носталгичен дух, со многу јасен поглед во иднината.

Годинава фестивалската програма вклучува дури 250 наслови, филмови и серии. Од нив, 54 наслови се натпреваруваат за срцето на Сараево во категориите белетристика, документарен филм, краток и така натаму. Регионалната премиера ќе имаат неколку филмови межу кои и крткиот филм на Небојша Сљепчевиќ „Човекот што не можеше да молчи“, награден со Канската Златна Палма.

Најголемата ѕвезда на фестивалот вчеравечер беше филмот домаќин, на оскаровецот Данис Тановиќ. Освен тоа вниманието беше и кон палестинскиот режисер Елија Сулејман, на кој му беше врачена првата награда „Почесно срце на Сараево“.

„Ова е вистински момент за мене да го добијам ова срце. Моето срце е големо, но ова Срце на Сараево е поголемо. Моментот во кој се наоѓа светот бара да имаме што е можно повеќе од вакви моменти, да ја споделиме љубовта, да споделиме срца едни со други. Ви благодарам што сте тука“, рече Елија Сулејман откако му беше врачено почесното Срце на Сараево.

Сулејман е повеќекратно наградуван режисер од Назарет, кој моментално работи како уметнички советник во Филмскиот институт во Доха и го подготвува својот нов игран филм.

На 19 август на програмата Open Air, премиера ќе има македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Ова е единствен мнозинско македонски филм што ќе има проекција на престижниот фестивал. Македонија ќе има премиери и на два копродукциски филма – „На се ќе дојде крајот“ на Рајко Грлиќ и документарниот филм „Последниот каубој“ нa Тадеј Чатер. Меѓу 60-те таленти што се селектирани, ќе бидат и режисерот Батухан Ибрахими и кинематограферот Стефан Ѓоргиевски. Продуцентот Александар Арсовски ќе учествува во програмата CineLink Producers Lab. Оваа програма е посветена на продуценти со не многу големо искуство, од 2 до 5 години.

Во вторник на фестивалот ќе пристигнат и познатата актерка Мег Рајан, актерот и режисер Џон Туртуро, режисерот, сценарист и продуцент Александар Пејн. Тие ќе одржат мастеркласи на кои ќе им се придружи и американскиот режисер Корд Џеферсон. Новитет на фестивалот е награда за еколошката свест.

Годинава се бележи рекорден број на продадени влезници. Сараево во наредните шест дена ќе дише во духот на фестивалот.

Фото Сараево Филм Фестивал

- Реклама -