Филипче: СДСМ ќе се врати, само ние можеме да го поразиме ВМРО-ДПМНЕ

Новиот лидер на социјалдемократите во интервју за „Фокус“ вели дека Левица не ја смета за закана за социјалдемократската избирачка база и затоа тврди дека единствената политичка сила која може да ја победи, во моментот неприкосновената владејачка ВМРО-ДПМНЕ, е токму неговиот СДСМ

„Оние кои се надеваат на распад на партијата, ќе бидат разочарани. Сигурен сум дека стабилно и во континуитет ќе ја враќаме довербата кај членството и граѓаните“, вели Венко Филипче

Венко Филипче е убеден дека неговата партија ќе застане на нозе по најтешкиот пораз во нејзината историја забележан на последните парламентарни избори. На сите што имаат дилеми тој им порачува да не се мислат зашто, како што вели, само СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче, фото: Фокус

„Според политиките што ги застапува и начинот на дејствување, сметам дека Левица воопшто нема капацитет да го преземат приматот во опозицијата. Нивната стратешка определба нема поддршка од нашите гласачи. Едно треба да биде јасно во однос на сите дилеми околу тоа дали СДСМ ќе се врати. Само СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. Точно е дека СДСМ е исправена пред голем предизвик, но ние сме биле и порано во слични ситуации од кои сме се враќале посилни. Тоа ќе се случи и сега, а оние кои се надеваат на распад на партијата, ќе бидат разочарани. Сигурен сум дека стабилно и во континуитет ќе ја враќаме довербата кај членството и граѓаните“,

вели Филипче.

Тој најавува нова политичка стратегија, документ кој го смета за суштински во кој ќе се реафирмираат вредностите и политиките на социјалдемократијата. Филипче, во одговорот на прашањето дали е можно здружување на силите со ЗНАМ и Левица, вели дека засега тоа не е многу веројатно.

„Сметам дека Левица, иако се претставува како заштитник и претставник на работничката класа, е автентична левичарска партија. Напротив, со многу свои политики и јавни настапи дури се оддалечуваат и од она што се смета за екстремна левица и се поблиску до некаква мешавина на екстремно леви и доминантно екстремно десни ставови. За ЗНАМ тешко дека воопшто и искусни политиколози би можеле јасно да ја издиференцираат нивната идеолошка матрица. Ако се анализира она малку што постои како програмски принципи и она што го прокламираа на избори, кај нив може да се забележи само желба за власт. Досега не видовме политики и програмски определби што ќе ги имплементира ЗНАМ во Владата, тие се таму очигледно само од лукративни причини. Дали можеме да се сретнеме во некаква соработка, во моментов тоа изгледа далечно. Иако, да не заборавиме, вие и сега имате многу навидум неспоиви коалиции на локално ниво и кои функционираат. Но, тоа е сосема друго ниво од она што на ниво на централна власт би се сметало за една крајно непринципиелна коалиција“,

изјавува Филипче.

- Реклама -