(ВИДЕО) ЦУК: Кичевско Дупјани спасено од пожар, продолжува гаснењето на Галичица

Од ЦУК велат дека полициски хеликоптер, упатен да го гасне пожарот на Галичица, случајно налетал на пожарот кај Дупјани додека во близина на селото немало никого

Пожарот кај Дупјани / фото: принтскрин од видео на ЦУК

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево информира дека кичевското село Дупјани е спасено од шумски пожар што се заканувал да ги зафати куќите бидејќи се приближил на стотина метри од нив.

Ангелов вели дека полициски хеликоптер упатен да го гасне пожарот на Галичица случајно налетал на пожарот кај Дупјани додека во близина на селото немало никого. Во хеликоптерот бил и самиот Ангелов.

„Одлучивме наместо кон Галичица, полицискиот хеликоптер „Ми 171“ во кој се наоѓав и јас, да го промени приоритетот поради загрозеност на населено место и наместо да продолжи со лет кон Галичица, слета неколку километри подалеку, покрај езерото Осломеј, го закачи ведрото, полета, се спушти над езерото, наполни вода во 2,5-тонското ведро, во низок лет за неколку минути стигна над пламените јазици над селото и со прецизен погодок го запре најблискиот крак од пожарот кој се закануваше на првите куќи“,

раскажува Ангелов.

Ангелов информира дека веднаш по интервенцијата кај Дупјани, хеликоптерот наполни гориво на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.

„Веднаш потоа полетуваме кон Галичица каде храбрите и пожртвувани полициски пилоти Стефче Ташовски и Дарко Ајтовски со подршка на останатиот храбар и пожртвуван воздухопловен екипаж ќе продолжат со дејство врз овој, за граѓаните, вознемирувачки пожар од кој повремено се слушаат истрели или детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства останати од војните кои се одвивале на овој простор“,

вели Ангелов.

Поглед од Охрид кон пожарот на Галичица / Фото: ЦУК

Ангелов упати пофални зборови до пилотите на хеликоптерите со кои летово се гаснат пожарите низ Македонија.

„Неодминливо е да се констатира – секоја чест на хеликоптерскиот екипаж на МВР, а секако слично дејствуваат и армиските екипажи, коишто имаа постојано континуирано прецизно дејство врз пожарот, а жешко и внатре и од надвор само топол воздух иде, горе-долу движење, од време на време турбуленции, чад, прашина влегува низ отворот, при одредени прелети од долу на подот од хеликоптерот, но тие, воздухопловците уиграно, сите компактно дејствуваат постојано. Бевме сведоци на нивното храбро и професионално дејство, што за мене беше раритетно, а за нив очигледно секојдневие при извршување задачи при борбата со огнената стихија, со пожарите на отворено при кризнава состојба лето, 2024г. Секоја чест“,

вели Ангелов.

- Реклама -