„О2 Иницијатива“: Разочарани сме, од Сиљановска-Давкова очекувавме доследност во застапување на правните принципи

„Вие решивте да ги игнорирате аргументите кои сите ние ги имаме и селективно да ги уважите аргументите на министерот. Голема штета е што ова е една од првите одлуки на оваа за Вас, нова позиција, со која ќе бидете неславно запаметена. Го кажавте Вашето, на наше големо разочарување. Сега бидете сведок на последиците“, велат од невладината откако претседателката најави дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање

Невладината „О2 Иницијатива“, вечерва преку објава на социјалните мрежи соопшти дека се разочарани од најавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието.  

Фотоколаж: „360 степени“

Велат дека од претседателката на државата очекувале принципиленост и доследност во застапување на правните принципи поради важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа.   

„Со големо разочарување ја слушнавме најавата на претседателката Сиљановска – Давкова, за нејзината одлука да го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање. Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: „училишта, градинки, болници“, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени“,  

се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

Од невладината реагираат на денешната изјава на Сиљановска-Давкова дека министерот за транспорт Александар Николоски ѝ ги образложил причините за законските измени и ѝ кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Претседателката, дополнително, рече дека зад законот има 64 пратеници и бидејќи немало дискусии и гласање против, смета дека и да го врати законот ќе се повтори оваа ситуација. 

„Претседателке Сиљановска-Давкова, пред три години пратениците со 72 гласа ‘за’, три ‘воздржани’ и само пет “против’ го изгласаа Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (познат како т.н. легализација на дивоградби). Повеќе граѓански здруженија од тогашниот претседател Пендаровски побаравме тој да не го потпише Указот за прогласување на овој закон. Пендаровски не го потпиша Указот, без оглед на огромното мнозинство пратеници кои тогаш застанаа зад законот. Тој закон не беше повторно изгласан, бидејќи предлагачот, Владата, односно министерството за транспорт и врски, го повлече. Ваквото ваше резонирање е тажно, затоа што ако се работеше толку за училиштата, градинките, болниците и реализација на помошта за општините, ќе беше донесена нова измена која ќе ги опфатеше само овие категории, после одржана јавна расправа за која и самата како пратеник сте се залагале“,

велат од „О2“. 

Според невладината, прифаќањето на објаснувањето од министерот за транспорт Николоски дека измените се привремени и преодни е несериозно, бидејќи, како што велат се работи за закон кој ќе биде на сила сè додека не биде донесен нов. 

„Колкав ќе биде тој временски период никој не знае, но едно е сигурно: нема да биде краток. Дотогаш ќе ги видиме жестоките реперкусии на стапување во сила на околу 600 урбанистички планови изработувани повеќе од четири и пол години по застарени податоци и неважечки закони и правилници, најчесто иницирани и инвестирани од приватни инвеститори кои се грижат исклучиво за својот личен интерес. А катните гаражи ќе никнат на зелени површини каде колку толку сè уште можат да играат деца“,

велат од невладината.  

Оттаму наведуваат дека изедначувањето на нивното прифаќање на покана во „пет до 12“ за присуство на комисија, со цел да го образложат нивниот став зошто се против, воопшто не е исто со одржување на јавна расправа каде стручната јавност, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни имаат можност да го дадат своето мислење, за потоа да се сумираат мислењата и да се вклучат во законското решение. 

Од „О2 Иницијатива“ потсетуваат дека со барање да не го потпишува Указот до претседателката на државата се обратиле повеќе од 25 граѓански здруженија и иницијативи и повеќе од 50 индивидуални граѓани, меѓу кои и познатата архитектка Даница Павловска-Циги. 

„Вие решивте да ги игнорирате аргументите кои сите ние ги имаме и селективно да ги уважите аргументите на министерот кои се однесуваат само на една од бројните измени во овој закон. Голема штета е што ова е една од првите одлуки на оваа за Вас, нова позиција, со која ќе бидете неславно запаметена. Го кажавте Вашето, на наше големо разочарување. Сега бидете сведок на последиците“,

велат од „О2 Иницијатива“. 

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија, без амандмани и без дискусија од пратениците. Забелешки изнесоа претставници на „О2 иницијативата“, кои заедно со повеќе други невладини организации во четвртокот апелираа претседателката да не го потпишува указот за Законот. Според нив, со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се носат застарени ДУП-ови чии параметри и мерења нема да одговараат на реалноста и ќе се уништува јавен простор. 

- Реклама -