(ВИДЕО) Ангелов: Пожарот кај Јасен е намален, но не е ставен под контрола

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вечерва информираше дека пожарот кај Јасен кон селото Белица во Македонски Брод на терен го гаснат побројни сили. Вели дека не е ставен под контрола, но е драстично намален

Пожарот на Галичица, пак, гори на тешко пристапен терен. Утре ќе се гасне со три хеликоптери, но голема опасност се неексплодирани убојни средства

Фото: ЦУК

Пожарот на територијата на Јасен кон селото Белица во Општина Македонски Брод повеќе чади отколку што гори, информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов додавајќи дека обемот на овој пожар е драстично намален.

„Сепак, сѐ уште не можам да кажам дека имаме целосна контрола врз него. На земја во гаснењето учествуваат поголеми сили“,

рече тој.

Ангелов вели дека пожарот на Галичица гори на тешко пристапен терен и од страната на Охрид и од страната на Преспа.

„Тоа е карпест терен на кој човечка нога не може да стапне. Хеликоптерот фрли неколку корпи вода на овој тешки пристапен предел, но линијата е голема. И за овој пожар можам да кажам дека преку денот повеќе имаме чладење отколку горење. Гори повеќе трева која во текот на ноќта се гледа и создава вознемиреност“,

вели Ангелов.

Тој најави дека утре на Галичица ќе се гасне со три хеликоптери за да се постигне подобар ефект. Сепак вели дека овој пожар по обем и динамика не е толку опасен како големите пожари што ги имавме во изминатиот период.

„Но на некои места има поголем број неексплодирани средства кои можат да го загрозат животот и здравјето на гасначите, но и на посадите на леталата. Од преспанската страна на овој пожар дејствувавме со еден ‘Ертрактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС)“,

смета Ангелов.

Фото: ЦУК

За пожарот кај кичевското село Цер, Ангелов вели дека создава голема вознемиреност кај граѓаните, но додава дека е многу далеку од селото, се движи бавно и гори ниско, но сепак создава многу чад.

„Линијата на пожарот е повеќе од десет километри и е невозможно да се изгасне со неколку воздухоплови. Гори неквалитетна шума, грмушки и трева“,

вели тој.

Ангелов информираше и дека гори кај селото Гари во Дебарско, како и кај Патеец во Кичевско, но потенцираше дека овие пожари се далеку од населени места и не се опасни по нив. Наведе уште неколу од денешните пожари во кои гореле стрништа, депонии, сува треба и сл.

„Генерално, денеска останавме без странска помош, ги имаме само домашните летала. Некои од нив мора да вршат редовни сервиси. Денеска на располагање имавме еден полициски хеликоптер и еден ‘Ертрактор’, додека утре ќе ги имаме давата армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптер и два ‘Ертрактори’. За овие пожари е сосема доволно. Доколку имаме потреба од странска помош, може да се побара, ЕУ-механизмот е активен“,

вели тој.

Фото: ЦУК

Ангелов посочи дека од УХМР најавуваат дождови на повисоките места за во следните денови и очекува тоа да помогне во совладувањето на пожарите.

ЦУК информира дека денеска до 19 часот регистрирани се вкупно 35 пожари, изгаснати се 13, под контрола се пет, а активни се 17.

- Реклама -