Меѓународни македонисти се собраа во Охрид на 57. Летна школа

Денеска напладне, во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, ќе биде отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Под мотото „Македонистички гордорек“, оваа година ќе учествуваат 65 македонисти од 17 различни земји, кои ќе го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура до 29 август. Македонистите доаѓаат од земји како Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Република Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република. Паралелно со Летната школа, 81 учесник на 51. Меѓународна научна конференција ќе придонесуваат во развојот на македонистиката како наука.

На свеченото отворање, пред присутните ќе се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на манифестацијата, а меѓу гостите ќе бидат и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерката за образование и наука, д-р Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и директорката на Семинарот, Кристина Николовска. Во музичката програма ќе настапат Драган Даутовски и Андријана Јаневска. По отворањето ќе биде промовиран Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

Годинава, за првпат ќе бидат доделени наградите „Воздејства“ за исклучителни постигнувања и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација на македонистиката. Наградите ќе им бидат врачени на академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. Дополнително, на свеченото отворање ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ за посебен придонес во афирмацијата на македонистиката на повеќе институции, компании и поединци.

Оваа година, Летната школа се одликува со освежен концепт. Освен редовната лекторска настава и пленарните предавања, ќе се спроведува и амбиентална настава под називот „По стапките на Свети Климента“. Наставата ќе се одвива во срцето на Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост, под водство на професорите Димитар Пандев и Кристина Николовска. Таа ќе опфати посети на манастирскиот и археолошки комплекс Плаошник, како и на култните Спомен-куќи на Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Програмата исто така вклучува посета на манастирот „Св. Наум“ и на поетската Струга, со Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Покрај ова, учесниците ќе уживаат во културно-историски екскурзии и настани како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до „Св. Наум“, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

Кристина Николовска

Според директорката Николовска, оваа година програмата е збогатена и со културни настани, промоции, средби со писатели, како и курс по македонски народни ора. Преведувачката работилница ќе резултира со два зборника: „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот). Во овие зборници ќе бидат вклучени и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици и јавни личности.

На 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, посветена на великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Конференцијата ќе носи слоган „75 за 75“, во чест на 75-годишнината од основањето на УКИМ. Годинава, на конференцијата ќе учествуваат 81 учесник, а на целокупната манифестација околу 150 македонисти ќе придонесат во развојот на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе бидат објавени два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција. Летната школа досега има учесници од над 60 земји, со повеќе од 4000 семинаристи, и интересот за неа продолжува да расте.

Оваа значајна манифестација се организира со поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, и други поддржувачи.

- Реклама -