Одлуката на судијата Пајазити не е во склад со досегашната пракса, вели министерот за правда по бегството на Рамадани

Филков, дополнително вели оти е изненаден што на денешната седница на Судскиот совет не било отворено прашањето за случајот со Блерим Рамадани и да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити

Одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во склад со досегашната пракса, вели министерот за правда Игор Филков во врска со околностите за бегството на поранешниот припадник на ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани.  

Министерот за правда, Игор Филков / Фото: Архива

Министерот, во изјавата за ТВ Канала 5, истовремено го повика Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало ова прашање. 

Имено, како што завчера објави порталот „Сдк.мк“, судијата на претходна постапка Пајазити ја донел одлуката Рамадани, кој минатиот месец беше уапсен на македонско-косовската граница врз основа на потерница издадена од Србија преку интерпол, од ефективен да биде префрлен во куќен притвор од кој побегна.  

Филков, дополнително вели оти е изненаден што на денешната седница на Судскиот совет не било отворено прашањето за случајот со Блерим Рамадани и да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти.   

,,Последниот случај со поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, е еден од низата, во кој јасно се отсликува актуелната состојба во судството. Одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Затоа и довербата на граѓаните во судството, правосудството и обвинителството е на рекордно ниско ниво. 

Изненаден сум што на денешната седница на Судскиот совет не се отвори и прашањето за случајот со Блерим Рамадани. Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити и секако доколку бидат утврдени било какви неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак од друга страна бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата.  

Затоа го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање за во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации“,  

вели министерот за правда Филков.

Според него, оваа судска одлука е уште ден доказ дека се потребни неодложни реформски процеси во правосудството и градење на систем во кој ќе има еднаква правда за сите. Во тој систем, додава министерот мора да доминираат вистински професионалци, а не партиски послушници.  

Инаку, Судскиот совет на денеска на итна седница донесе одлука да формира посебна Комисија која ќе требеа да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред бегството на Рамадани ги донел Основниот кривичен суд Скопје.  

Советот, како што кажа претседателката Весна Дамева, формално не бил известен за случајот и дека реагираат по допрен глас.  

Бегството на Блерим Рамадани предизвика бура во политичките кругови во земјава, а остра реакција стигна и од официјален Белград. 

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, настанот го оцени како скандалозен чин и побара објаснување од македонските власти за тоа како се случило Рамадани да побегне кога е уапсен по меѓународна важечка потерница. 

Премиерот Мицкоски денеска коментирајќи го случајот, во одговор на новинарски прашања рече дека тоа што ова прераснало во политичка тема, треба да се разгледува и многу сериозно да се анализира. Тој рече дека ова е „уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива 2 проценти доверба кај граѓаните и се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава“.  

„Ова не требаше да биде тема. И апелирам до сите вас да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули. Јасна е судската пракса – дали нас ни се допаѓа или не, тоа е друга тема. Но, Врховниот суд во 2019 година има донесено одлука со која што тогашното лице кое што е заробено како резултат на меѓународна потерница од Србија во екстрадиционен притвор е ослободено. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика, инженеринг, тоа е веќе друга анализа“,

рече Мицкоски. 

Зградата на Основниот кривичен суд Скопје / Фото: „360 степени“ (Архива)

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, пак, во однос на прашањето каде потфрлиле институциите во случајот со бегството на Блерим Рамадани ги упати медиумите да се обратат до Министерството за внатрешни работи, но од она што, како што кажа, му е веќе познат е дека судот донел одлука дека аргументите кои ги посочува Србија немаат основа и затоа не постои причина да тој се екстрадира во Србија. 

Бегството на Рамадани беше поттик за преписка помеѓу опозициската СДСМ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од СДСМ побараа оставка од министерот, додека Тошковски им врати дека нивните обвинувања се празни зборови оти МВР и судот се две различни институции. 

Телевизија 21 синоќа објави дека е можно Рамадани веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добредојде дома, во нашиот роден град“. 

- Реклама -