Штом во Врховниот суд има корумпирани судии, можете да замислите што се случува во пониските судови – рече Мицкоски

Се додека овие луѓе не се распуштат, нема да имаме правна држава. Довербата во правосудството е два отсто со причина, а тоа се потврди со спогодбите на поранешниот врховен судија Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, рече премиерот

Јас пред се сум задоволен што акцијата со која се покажа дека во највисокото судско тело – Врховниот суд имаме корумпирани судии се ја спроведе МВР во техничката влада, одговори премиерот Мицкоски на новинарско прашање во однос на тоа дали е задоволен од изречените казни за Наќе Георгиев и Иџет Мемети.

Мицкоски рече дека доколку има корумпирани судии кои се во Врховниот суд, тогаш може само да се замисли што се случува надолу, па и оттаму според него, доаѓа и таа доверба од два отсто во судството. Тој кажа и дека се додека овие луѓе не се распуштат, Македонија нема да биде правна држава.

„Во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија, туку и лицето за кое што исто така постои спогодба со Обвинителството, а тоа е Иџет Мемети како претседател на Советот на јавни обвинители. Јасна е спрегата меѓу судско обвинителскиот систем кај нас. Затоа довербата е два проценти, затоа што едни тефтерчиња од едно минато се заменија со други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од „Бихаќка“ и од Речица. Се’ додека имаме тефтерчиња и се’ додека не се распуштат овие луѓе, нема да имаме правна држава“,

рече Мицкоски.

Претпладнево на вонредна седница, Судскиот совет донесе одлука за разрешување на осудениот врховен судија Наќе Георгиев кој доби затворска казна во траење од три години за примање мито. Претседателката на советот, Весна Дамева, рече дека по докажувањето вина кај Георгиев се докажало дека никој, ниту судија од највисоката судска инстанца не може да пркоси на фактите и доказите, без разлика што тој претходно ја негирал одговорноста.

„Граѓаните да се одважуваат и пријавуваат до Судскиот совет и до другите надлежни органи секое коруптивно дејствие преземено од страна на судија. Секој случај кога судија лично или преку посредник ќе им побара поткуп или било какво дејствие или, пак, услуга заради влијание или донесување на судска одлука“,

изјави Дамева.

Таа порача и дека не смее да се дозволи поединци како Георгиев да ја уриваат сликата за целото судство и оти се преземеаат чекори јавноста и граѓаните да видат дека Судскиот совет работи и дека нема да дозволи ваквите судии да останат дел од системот.

„Поединците си имаат име и презиме, си имаме ние име и презиме. Само малку трпение од јавноста, затоа што веќе некои работи почнаа да се решаваат и резултатите ќе дојдат многу брзо“,

рече Дамева.

Разрешувањето на врховниот судија Наке Георгиев доаѓа откако тој призна дека примил мито и се спогоди со Обвинителството да добие затворска казна од три години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата. Од Обвинителството велат дека потпишувајќи ја предлог-спогодбата осомничениот не спори дека го сторил кривичното дело и, имајќи ја предвид одредената затворска казна од една до десет години, прифатил да одлежи затвор, како и да му се забрани вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.

Пред два дена, и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.

Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев во текот на април и мај годинава, преку врховниот судија, му пренел на синот на Стојчев дека наводно интеревенирал да не се поднесе обвинителен акт во случај со неговиот татко, туку да се склучи предлог-спогодба.

Георгиев и Mемети комуницирале преку апликацијата Вацап (Whatsapp), а членот на Советот на јавни обвинители не знаел дека тие разговори ги слуша и синот на Стојчев.

- Реклама -