Пет лица се обвинети за смртта на актерот Метју Пери

Меѓу осомничените се и неговиот личен асистент, како и двајца доктори кои ја искористиле неговата зависност од кетамин

Државниот обвинител кој го води случајот за смртта на холивудскиот глумец Метју Пери, откри дека по неговата смрт, во домот каде што беше пронајдено неговото тело биле пронајдени 80 ампули со кетамин, кокаин и други таблети. Дури пет лица се соочуваат со обвинение за смртта на Пери – меѓу нив, неговиот личен асистент, Кенет Ивамаса и двајцата доктори Салвадор Пласенција и Марк Чавез, за кои обвинителството вели дека се дел од широка подземна криминална мрежа која имала за цел да обезбедува хируршки анестетик „кетамин“ за холивудската ѕвезда, што пак беше причина за неговата смрт.

„Докторите ја искористиле историјата на зависност на Пери во последните месеци од неговиот живот минатата година за да му обезбедат кетамин во количини кои знаеле дека се опасни и за нивна лична парична корист“,

изјави обвинителот Естрада.

Опишувајќи ги деталите, обвинителот рече дека сите обвинети биле свесни дека тоа што го прават е погрешно и дека Пери ќе се соочи со голем ризик. Еден од докторите во порака напишал дека се прашува колку ќе плати „моронот“, додека пак по неговата смрт, напишал порака во која побарал од останатите соучесници да ги избришат сите пораки.

Покрај нив, обвинета во случајот е и т.н „кралица на кетаминот“, Џасвин Санга која била задолжена за снабдување на докторите со кетамин откако цената на апчињата во аптеките енормно се зголемиле.

Холивудскиот актер Метју Пери беше пронајден мртов во неговиот дом на крајот на октомври минатата година. Најголемата слава ја достигна со улогата на Чендлер Бинг во популарната ТВ-серија „Пријатели“ која се емитуваше од 1994 до 2004 година. Актерот беше познат и по улогите во повеќе филмови, меѓу кои „Fools Rush In“, „The Whole Nine Yards“, „Three to Tango“, „The Kid“ и „17 Again“.

Пери долги години се бореше со зависности, а во своите мемоари откри дека се лекувал од алкохолизам и употреба на опоиди. Тој јавно сподели дека лекарите му прогнозирале два проценти шанса да преживее, а откри и дека бил во кома две недели, а потоа уште неколку месеци во болница.

- Реклама -