Перински за состојбите во Град Скопје: Секое непостапување согласно надлежностите може да се третира како злоупотреба на службената положба

Во видеообраќањето кое попладнево го објави на своите социјални мрежи, министерот за локална самоуправа, меѓу другото, ги повика надлежните институции да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалничката на Град Скопје не постапува согласно своите надлежности и со тоа, како што вели, го загрозува животот и безбедноста на скопјани, а во контекст на еколошкиот колапс во градот

Секое непостапување согласно надлежностите кои се утврдени со закон, само по себе е прекршување на законот и може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување, коментира министерот за локална самоуправа Златко Перински во врска со состојбата во Градот Скопје.

Златко Перински, министер за локална самоуправа

Во видеообраќањето кое попладнево го објави на своите социјални мрежи, Перински, меѓу другото, ги повика надлежните институции да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалничката на Град Скопје не постапува согласно своите надлежности и со тоа, како што вели, го загрозува животот и безбедноста на скопјани, а во контекст на еколошкиот колапс во градот.

Министерот за локална самоуправа очекува на следната владина седница да се разговара за барањето на скопските градоначалници за одземање на ингеренциите на Градот Скопје во областа на комуналната хигиена, со цел да се најде решение за сосотојбите во главниот град. Нивното барање, вели тој, е резултат на секојдневниот притисок од граѓаните коишто со право се незадоволни од услугите во надлежност на Град Скопје

„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Предлогот од страна на ЗЕЛС претпоставувам ќе се разгледува на следна седница на Влада на која ќе ги кажеме своите ставови врз основа на законските механизми и сум убеден дека ќе се донесе најдоброто решение за граѓаните на град Скопје. Суштината е дека секое непостапување согласно со надлежностите кои се утврдени со закон, и за коишто зема плата од скопјани, само по себе е прекршување на законот, коешто може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување“,

вели Перински во видеообраќањето.

Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски реши да ѝ даде, како што рече, разумен рок на градоначалничката Данела Арсовска за да почне да си ја работи работата и покрај едногласното барање на скопските градоначалници Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје во претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ поради еколошкиот градски колапс.

Од Град Скопје, пак, ја поздравија „разумноста на премиерот Мицкоски“.

Скопските градоначалници вчера едногласно побараа Владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник и да почне трансформација на претпријатијата со која надлежностите би се поделиле по скопските општини. Причината за ова, како што кажаа, е алармантната состојба со хигиената во Скопје.

- Реклама -