Изјавите на портпаролот на Европската Унија за мостот на Ибар се расистички, вели Османи

Косовската претседателка смета дека евентуалните разговори со Србија за отворање на мостот за возила би биле против Уставот и суверенитетот на Косово

Словакот Стано не ги прашува соседните земји кога поминува некој мост во неговата земја, па следствено, ниту Србија не треба да се прашува за мост на територијата на Косово – реагира косовската претседателка Вјоса Османи по изјавата на портпаролот на Европската Унија, Петар Стано, во која се вели дека доколку Приштина преземе еднострани мерки, ЕУ може да преземе дополнителни санкции кон Косово.

„Што се однесува до ЕУ, изјавите на портпаролот на овие институции се пред сѐ расистички, така што не верувам дека заслужуваат поголемо внимание од моја страна. Јас цело време зборував против тие нивни расистички изјави. Нема никаква причина и јас на секој начин се противам на дискусијата во Брисел за прашањето за отворање на мостот. Немаме што да ја прашуваме Србија, исто како и овој портпарол – мислам дека е од Словачка – кој не прашува ниту една од соседните земји кога го поминува сопствениот мост. Значи, нема што да се прашува Србија за мост на територијата на Република Косово“,

рече Османи.

Таа кажа дека секаков разговор со Србија за ова прашање ќе значи кршење на Уставот на Косово и задирање во суверенитетот на земјата, но потенцира дека е потребен дијалог со сојузниците на Косово кој би бил пред сѐ во интерес на земјата.

Вчера и премиерот на земјата, Албин Курти, рече дека разговарал со командантот на КФОР за отворање на мостот, што според него би бил корисен, фер и неопходен потег за сите, оти прелиминарните извештаи покажале дека мостот е стабилен и дека по него може да се одвива сообраќај, што според Курти би бил чекор кон нормализирање на односите меѓу двете најголеми заедници кои живеат во северниот и јужниот дел на градот Митровица.

„Владата и јас веруваме дека слободата на движењето и владеењето на правото може да одат паралелно со мирот и безбедноста. Ќе ги продолжиме разговорите и координацијата со нашите партнери. Косово е нормална држава и мостовите треба да бидат нормални, што значи отворени“,

заклучи Курти.

Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изрази загриженост поради информациите дека наскоро владата на Косово ќе го отвори за сообраќај мостот на реката Ибар во Митровица кој ги поврзува јужниот дел на градот, кој е населен со мнозинство Албанци, и северниот дел, населен со мнозинство Срби.

Тој рече дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во моментот, што би можело да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, тука вклучувајќи ги и американските, па затоа вели дека се надева оти Курти ќе ја земе предвид загриженоста на сојузниците и нема да преземе еднострани дејствија.

„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово. Ние ја сфаќаме многу сериозно секоја акција што може да влијае на безбедноста и заштитата на американските војници кои работат на поддршка на Косово. Нашата надеж е дека владата ќе го слушне ова и ќе ги земе предвид овие грижи“,

рече Ховниер.

- Реклама -