Од попладнево неколку нови пожари, дел од нив предизвикани од удар од гром

Од удар од гром попладнево избувнале пожари во Беровско и кај Крива Паланка. Пожарот во Кривопаланечко, според информациите на ЦУК, е проширен и на територијата на Србија

Од попладнево на територијата на државава активни се неколку нови шумски пожари, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Два од нив, како што соопштија оттаму, се предизвикани од удар од гром.

Таков е пожарот кој попладнево избувнал кај местото викано Клепало во Беровско, каде што е зафатена борова шума, и пожарот кај селото Луке во Крива Паланка, каде што гори мешана шума. Пожарот во Кривопаланечко, според информациите на ЦУК, е проширен и на територија на Србија.

Нов пожар има и на планината Лубен кај кичевското село Цер. Гори мешана шума.

Од ЦУК информираат и за пожарот на Галичица чии нови жаришта се на територија на Општина Ресен и Охрид.

„На исток е во правец на селата Лескоец и Стење, Општина Ресен, додека на охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Попладнево дејствуваа еден хеликоптер на МВР, на ресенската страна, три ертрактори на ДЗС и на Германија, на охридската страна. Во гасењето на пожарите се ангажирани вкупно 120 лица и тоа од ДЗС, ТППЕ, НП, Планинската спасителна служба, доброволци и други лица“,

информриаат вечерва од Центарот за управување со кризи.

Претходно денеска, одговорни лица за противпожарната заштита на Националниот парк „Галичица“ информираа оти пожарот деновиве ќе ја намалува својата кулминација и апелираа на смиреност кај граѓаните.

- Реклама -