Девет нови генерики се најдоа на Позитивната листа на лекови

Директорот Сашко Клековски информираше дека позитивната листа се дополнува прв пат по 2014 година

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска донесе одлука за дополнување на Позитивната листа. Директорот на Фондот, Сашо Клековски на социјалните мрежи информираше дека станува збор за дваесет лекови од девет генерики, од можни 59 брендови и тоа: за крвни болести – антикоагуланси, болести на срце и крвни садови, како и за централниот нервен систем.

„ Станува збор за антикоагуланси (Prasugrel, Ticagrelor) болести на срце и крвни садови – против висок притисок и високи масти (Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate) и за централен нервен систем – антидепресиви и за третирање деменција (Escitalopram, Memantine, Duloxetine)“

пишува Клековски.

Тој додава дека ова е прво дополнување на листата по 2014 година, како и дека проценетото влијание врз буџетот на Фондот на годишно ниво со дополнувањето на листата е околу еден милион евра.

Дека ќе има проширување на позитивната листа на лекови претходно денеска потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека ќе има осум нови лекови, со кои на осигурениците ќе им се заштедат и до два милиони евра. Дополнително, кажа дека очекува во иднина повторно да се прошири листата и дека тие нема да се набавуваат преку одредени привилегирани семејни веледрогерии.

„Ја поздравувам, честитам и очекувам и во иднина уште повеќе да се проширува, со што ќе се стави фокус на објективноста, а не на привилегирани семејни веледрогерии коишто изминативе децении го исцицаа здравствениот систем и практично го доведоа здравствениот систем ваков како што е триплирани вредности на медицински апарати, лекови итн“,

рече Мицкоски.

Кон крајот на минатиот месец, министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека до крајот на годината можно е да има уште еден зафат за проширување на позитивната листа на лекови.

- Реклама -