Врховниот судија Наке Георгиев призна дека земал поткуп и се спогоди за затворска казна од три години

Во тригодишната казна на судијата Георгиев ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде однесен во затвор

Вчера беше соопштено дека и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднел оставка, признал вина и се спогодил со Обвинителството за условна казна

Наке Георгиев – врховен судија

Врховниот судија Наке Георгиев признал дека примил мито и се спогодил со Обвинителството да добие затворска казна од 3 години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Оттаму велат дека потпишувајќи ја предлог – спогодбата, осомничениот не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената затворска казна од една до десет години, прифатил да му биде изречена казна затвор, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.

Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде однесен во затвор. Ќе ги врати и парите од поткупот.

„Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор… Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5 000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело”,

велат од ОЈО ГОКК.

Судијата Георгиев е првоосомничен за поткуп во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село Боро Стојчев, кој пак беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана.

Уапсен врховниот судија Наке Георгиев поради сомненија за примање поткуп – бил фатен при извршување на делото

Врховниот судија на синот на Стојчев му ветувал интервенција во кривична постапка за неговиот татко и за почеток му земал 5 000 евра во неговиот дом во Струмица. На средбата врховниот судија му ветувал на синот на Стојчев дека ќе се обиде да издејствува татко му да добие минимална затворска казна од три години.

Потоа пак, кажал дека со Иџет Мемети од Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување.

Георгиев појаснувал дека на Боро Стојчев ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на неговиот син дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор. Ветувал и реално влијание, погодности за Боро Стојчев, како и условен отпуст од затвор.

„По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание. Откако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, осомничениот Н.Г и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип. Осомничениот Н.Г кој пристигнал со ПМВ Ауди А6, излегол од истото и влегол во возилото на сведокот, ПМВ Пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10 000 евра. Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10 000 евра кои претходно биле крим- технички обработени“,

појаснуваат од надлежното обвинителство.

Вчера и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.

Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев во текот на април и мај годинава, преку врховниот судија му пренел на синот на Стојчев дека наводно интеревенирал да не се поднесе обвинителен акт во случај со неговиот татко, туку да се склучи предлог-спогодба.

Георгиев и Mемети комуницирале преку апликацијата Ватсап (Whatsapp), а членот на Советот на јавни обвинители не знаел дека тие разговори ги слуша и синот на Стојчев.

- Реклама -