„Политико“: Радмила Шекеринска – кандидатка за заменик-генерална секретарка на НАТО

Друга кандидатка за десна рака на Марк Руте, според „Политико“, е поранешната вицепремиерка и еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел

Поранешната вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска е кандидатка за заменик-генерална секретарка на НАТО, објави „Политико“. Повикувајќи се на информации од висок дипломат на НАТО, „Политико“ наведува дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на новиот шеф на Алијансата, Марк Руте.

Радмила Шекеринска со генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг, Фото: EPA-EFE/TOMISLAV GEORGIEV

Доколку биде избрана, Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан и од земја што не е членка на Европската Унија.

„Политико“ пишува дека друг кандидат за десна рака на Руте е поранешната вицепремиерка и еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел.

„Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа. Не само поради јавниот притисок за такво решение за генерален секретар наместо Руте“,

изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, за „Политико“.

Шекеринска одбила да коментира, а Габриел воопшто не одговорила на повиците на „Политико“.

Во текстот се вели дека Северна Македонија влезе во НАТО пред четири години и дека Шеќеринска имаше една од клучните улоги во нејзиното зачленување. Прозападната Шеќеринска моментално е потпретседателка на Партијата на европските социјалисти. Во интервју по руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон Исток е „злобен план на Западот“, пишува „Политико“.

Мајда Руге, соработничка во Европскиот совет за надворешни односи, ја смета Шеќериснка за идеална кандидатка.

„За следен (заменик-генерален секретар, н.з.), на НАТО ќе му треба искусна личност која е високо компетентна, има храброст, паметно размислува за Русија и ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шеќеринска совршено се вклопува во тој профил“,

рече Руге, која е експертка за Балканскиот регион.

„Политико“ дополнува дека македонската и бугарската делегација во НАТО не ги коментираат информациите за кандидатурите, а не коментира ниту НАТО.

Бугарија е во центарот на вниманието поради блиските врски на нејзините политички елити со Русија. Во април, премиерот во заминување Николај Денков, во интервју за „Политико“, предупреди дека „Русија ќе стори сè што е можно за да го врати своето силно влијание во Бугарија“. Софија, исто така, склучуваше договори за зајакнување на улогата на Москва како доминантен снабдувач со енергенси во Југоисточна Европа и покрај реторичката поддршка за Украина.

„Политико“ пишува дека и двете земји, сепак, предизвикуваат загриженост поради корупцијата. Според „Транспаренси интернешнл“, Бугарија е рангирана на 67. место во светот според нејзиниот индекс за перцепција на корупцијата. Северна Македонија, пак, е рангирана на 76. место.

Додека двете политичарки од Балканот се сметаат за фаворитки, има и други кои му се презентираат на Руте. Според анонимен висок латвиски функционер, поранешниот латвиски премиер Кришјанис Кариш, кој некогаш имаше амбиции за позицијата на Руте, сега се бори да биде негов заменик.

Според двајца дипломати на НАТО, пак, Полска и Турција, и двете со сериозни воени капацитети, размислуваат да понудат свои кандидати. Сепак, Полска е оптоварена од внатрешниот судир меѓу претседателот Анджеј Дуда и премиерот Доналд Туск.

Инаку, пред да го започне својот нов мандат како шеф на НАТО, Марк Руте веќе ги разгледува овие неколку биографии. Актуелниот заменик-генерален секретар, Мирчеа Џоана, кој ја извршува функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на романските претседателски избори во ноември годинава.

Руте ќе го преземе кормилото на НАТО на 2 октомври годинава во време кога Алијансата се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа.

Тоа го прави релевантно длабокото познавање на кремлинологијата кога станува збор за изборот на Руте на негов заменик. Во текстот на „Политико“ се потенцира дека разговорот во седиштето на НАТО се фокусира на двете поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија.

Според поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, улогата на заменик-генерален секретар има зголемена важност во текот на последната деценија. Примарната улога на носителот на функцијата е да го застапува шефот и да претседава со состаноците на 32-цата амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Во мај 2021 година, актуелниот заменик-генерален секретар Мирчеа Џоана претседаваше со неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, кога на шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, му беше дијагностициран ковид.

Радмила Шекеринска е родена 1972 година во Скопје. Дипломира на Електротехничкиот факултет при УКИМ во 1995 година, а магистрира на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година. Од 2002 до 2006 година беше вицепремиерка за евроинтеграции во периодот кога земјава аплицираше и го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската Унија. Од 2017 до 2022, пак, беше министерка за одбрана (до 2020 г. и вицепремиерка) во периодот кога Северна Македонија стана членка на НАТО.

- Реклама -