МВР потврди: Поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани е недостапен за органите на прогонот

Блерим Рамадани, беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме

Од МВР во изјава за „360 степени“ денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција. Како што информираат од полицијата, по него ќе биде распишана централна потерница.

„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“,

велат од МВР.

Како што објави порталот Сдк.мк, Рамадани вчера избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија. Според порталот, по жалба на Обвинителството, тројца судии од Кривичен совет вчера му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Извори од истрагата за Сдк.мк открил дека некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе се враќа во Шутка, па тој истиот момент избегал од Македонија.

Блерим Рамадани, беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 9 август косовското МНР информираше дека Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира поранешниот припадник на ОВК во Република Србија, информираше косовското Министерство за надворешни работи.

Од МНР на Косово, како што јавија тамошните медиуми, рекле дека поранешниот припадник на ОВК ќе остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

На 1 август тој беше пуштен во домашен притвор во Скопје каде требаше да остане до 16 август.

- Реклама -