СЗО ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за глобална здравствена криза

Од почетокот на оваа година, повеќе од 17 000 случаи и повеќе од 500 смртни случаи се пријавени во 13 земји во Африка, според африканските центри за контрола и превенција на болести кои ја класифицираат оваа епидемија како „настан со многу висок ризик“

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја прогласи актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза.

Како што јави Си-eн-eн, СЗО свикала итен состанок на комисијата за сипаници поради информацијата дека смртоносниот сој на вирусот стигнал до четири африкански региони кои претходно не биле погодени од него. Овој сој претходно беше ограничен на ДР Конго.

Независни експерти во комисијата се состанале денеска за да го информираат генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, за сериозноста на епидемијата. По седницата, СЗО објави дека прогласила вонредна состојба за јавно здравје од меѓународно значење – највисоко ниво на тревога според меѓународното здравствено право.

Ова е статусот што Светската здравствена организација им го дава на „вонредните настани“ кои претставуваат ризик за јавното здравје на другите земји бидејќи болеста се шири во повеќе земји. Ваквите епидемии може да бараат координиран меѓународен одговор, наведува СЗО.

Еден ден претходно, африканските центри за контрола и превенција на болести ја прогласија епидемијата за вонредна состојба за јавно здравје и континентална безбедност.

Од почетокот на оваа година, повеќе од 17 000 случаи и повеќе од 500 смртни случаи се пријавени во 13 земји во Африка, според африканските центри за контрола и превенција на болести кои ја класифицираат оваа епидемија како „настан со многу висок ризик“. Најголем број случаи – повеќе од 14 000 – има во ДР Конго, која пријави 96 отсто од потврдените случаи овој месец.

За каква болест се работи

Мајмунската сипаница е вирусна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и од заразените животни. Според СЗО, може да се пренесе преку близок контакт, како што се допирање, бакнување или секс, како и преку контаминирани материјали – чаршафи, облека и игли. Симптомите вклучуваат треска, болен осип, главоболка, болки во мускулите и грбот, недостиг на енергија и зголемени лимфни јазли.

Со децении болеста главно беше регистрирана во Централна и Западна Африка, но таа почна да се шири во Европа и во Северна Америка во 2022 година. СЗО претходно го прогласи ширењето на мајмунските сипаници за глобална здравствена криза во јули 2022 година и заврши во мај 2023 година.

- Реклама -