Охрид мириса на чад, Галичица во пламен

На Галичица има пожар веќе десет дена на тешко пристапен терен, но од пред неколку часа последиците почнаа да ги чувствуваат и жителите и туристите. Во повеќе населени места се чувствува мирис на чад, туристи јавуваат за појава на саѓи во водата, а на места е намалена и видливоста

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва потврдија дека пожарот на Галичица не е локализиран и е навлезен во буковата шума

Пожар на Галичица / фото: ЦУК

Вечерва продолжува да беснее шумскиот пожар на планината Галичица. На социјалните мрежи жители на Охрид и туристи споделуваат фотографии, видеа и информации дека пожарот е силно разгорен, а чадот и миризбата се чувствуваат дури до Охрид и другите населени места во подножјето на планината.

„На делови од патот од Свети Наум кон Охрид имаше нешто налик на магла, а кај Трпејца се осеќаше најсилен мирис на чад. Во кампот Љубаништа, околу 20 часот, чадот се осеќаше и на очите. Цел ден имаше и саѓи во водата“,

тврди за „360 степени“ турист кој попладнево и вечерва се движел на релација „Свети Наум“ – Охрид.

Пожарот на Галичица, поглед од Охрид

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва потврдија дека пожарот на Галичица не е локализиран и е навлезен во буковата шума. ЦУК информира дека огнот десетти ден гори на тешко пристапен терен.

„Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и големиот број на детонации од неексплодирани гранати, не дозволија локализација на пожарот во високата зона и полека истиот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север. Последните три дена волонтерите сместени во планинската куќа ‘Спиридон’ постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на пожарот со цел подговување на подобар план за делување следниот ден“,

велат од ЦУК.

Неексплодирана граната / фото: ЦУК

ЦУК информира дека со пожарот на Галичица изминатите денови се борат доброволци, пожарникари, ренџери од Националниот парк „Галичица“, како и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и локалното население.

„15 волонтери на планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб ‘Патагонија’ од Охрид заедно со девет припадници од реџерската служба на Национален парк ‘Галичица’ од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе десет дена беснее во високо планинските предели на Галичица. Повремено поткрепени и со тимови на ТППЕ Охрид и Ресен, ДЗС, како и со доброволци од локалното население, во изминатите десет дена тимовите се обидуваа да го стават под контрола пожарот во високо планинските предели на над 2 000 мнв, каде пристапот е возможен само со пешачење од најмалку два часа, а во неколку наврати беа транспортирани и со хеликоптер на МВР“,

информира ЦУК.

Додаваат дека сега се дејствува со рачно обезбедување заштитни појаси во шумските предели за да се заштити што е можно поголем шумски фонд. За тоа се вклучени и поголем број доброволци – планинари и ловџии од Охрид и Ресен.

„Денес дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во навистина тешката битка. Иако веќе исцрпени, волонтерите на планинската спасителна служба, со целокупниот материјално технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално транспортно возило, како и со обезбедување логистика во храна и вода за сите учесници во гасењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен се до конечно гаснење на огнот“,

уверуваат од ЦУК.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов претходно информираше дека пожарот „не загрозува никого, а рано наутро ќе почнат со гаснење доволно луѓе“.

- Реклама -