Арсовска ги разреши директорите на „Паркови и зеленило“ и „Дрисла“

Минатата недела, од раководни позиции беа разрешени и директорите на „Градски паркинг“, Михаил Петревски, на „Комунална хигиена“, Гоце Трајковски, и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Виктор Панчевски

Попладнево, на страницата на Град Скопје на Фејсбук беше објавено дека директорите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, Мартин Ангеловски и на „Дрисла“, Александар Кузинаков, се разрешени од нивните позиции поради наводни неправилности при работењето и непочитување на договорот за вработување.

Дополнително, се вели дека Град Скопје до крајот на неделава ќе започне со вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија врз кои има ингеренции.

„Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“,

се вели во објавата на Град Скопје.

Ревизија ќе има и во двете претпријатија, оти за работењето на директорите до Град Скопје биле пристигнати бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорувања на овластувањата, велат оттаму.

Градските власти соопштија дека резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за нив ќе бидат известени и соодветните надлежни институции.

Инаку, минатата недела од раководни позиции беа разрешени и директорите на „Градски паркинг“, Михаил Петревски, на „Комунална хигиена“, Гоце Трајковски, и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Виктор Панчевски.

Градоначалничката Арсовска за три години владеење неколкупати менува директори на јавни претпријатија, а засега нема информација дали ќе следуваат нови разрешувања.

- Реклама -