Хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ во Охрид

Македонскиот маратонски пливач Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ на 14 август, во чест на 15-годишнината од неговото препливување на каналот Ла Манш. Настанот ќе започне во 10:30 часот, при што Стефановски ќе плива од хотелот Десарет во Пештани, покрај црквата Св. Јован Канео, и ќе заврши на Охридското пристаниште. Оваа траса е долга 15 километри.

„Со ваша поддршка ќе им овозможиме на многу деца и лица да ги достигнат своите лични потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, и да водат поисполнет живот, чувствувајќи се прифатени и сакани“, изјави Стефановски.

Настанот има за цел да подигне свеста и да собира средства за подобрување на условите за лицата со атипичен развој и инвалидизирани лица во спортот и физичкото образование.

Стефановски ја организира оваа иницијатива во соработка со невладината организација „ИТК Македонија“ и Охридскиот Пливачки Маратон.

Инаку, на 14 август 2009 година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш во чест на 50-годишнината од подвигот на првиот Македонец Нико Нестор (1958) и 40-годишнината од препливувањето на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Неговиот подвиг траеше 7 часа и 42 минути, резултат кој се наоѓа на 13-то место во историјата на препливување на каналот, која датира 149 години.

Стазата по која Стефановски ќе плива во среда, 14 август

- Реклама -