Промоција на книгата „Трибун, Хронистерик, Номад” од Александар Прокопиев

овата книга „Трибун, Хронистерик, Номад” од македонскиот писател Александар Прокопиев ќе биде промовирана денес во 19:30 часот во хотел Аполонија, во рамки на Гевгелиско културно лето 2024.

Промотор: Влатко Галевски

Оваа широка, длабока и пловна есеистичка книга на Александар Прокопиев, на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс, содржи десетина текстови со сроден тоналитет, подредени во три музички именувани циклуси: Praeludium, Scherzo и Lento.

Александар Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели, есеи и еден роман – некои од нив се преведени на светски и балкански јазици. Во 2000-та година, Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга хибридна проза „Антиупатства за лична употреба” меѓу најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа, во 2011-та година за збирката бајки за возрасни „Човечулец” Прокопиев ја доби угледната меѓународна награда „Балканика”, 2022 година во најновата едиција на обемната, реномирана историја на европските книжевности „Les Lettres Europeenes”, неговата проза се анализира во поглавјето „Тенденции и современи фигури 1989-2021”, споредувајќи ја неговата со нарацијата на инвентивните раскажувачи како Бартелми, Калвино…

Прочитајте и:  Промоција на историското дело „Селото и селанството во Битолскиот санџак (1878-1912)“ од авторот Васко Гичевски

На најновата книга есеи „Трибун, Хронистерик, Номад” ѝ претходеа: „Дали Калимах беше постмодернист?” (1994), „Патувања на сказната” (1996), „Постмодерен Вавилон” (2000), „Борхес и Компјутерот” (2005), „Измислувајќи ја Европа” (2014).

- Реклама -