(ФОТО+ВИДЕО) Голем пожар беснее и над селото Врбен во Маврово и Ростуше – огнот дошол на 500 метри до првите куќи

„Помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, верувам дека вработените во Национален парк „Маврово“ со поддршка на локалното население ќе успеат да го сопрат овој тежок шумски пожар“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов

На територијата на државата во текот на денешниот ден имало вкупно 32 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, како што информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов 15 се целосно изгаснати, шест се ставени по контрола, а 11 се и понатаму активни.  

Пожарот над селото Врбен во општина Маврово и Ростуше / Фото: ЦУК

Еден од поголемите пожари кој избувнал денеска околу 10 часот е кај селото Врбен во општина Маврово и Ростуше. Според Ангелов, станува збор за шумски пожар во кој гори смрека, сува трева и јела. 

„Се развива висока температура, и во овој момент линијата на огнот е на околу 500 метри над првите куќи од селото Врбен. Помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, верувам дека вработените во Национален парк „Маврово“ со поддршка на локалното население ќе успеат да го сопрат овој тежок шумски пожар“,

вели директорот на ЦУК.  

На овој пожар, во текот на денот било дејствувано со пет „ертрактори“ кои успаеле да го изгаснат едниот крак на пожарот. Дополнително дејствувал и големиот полициски хеликоптер Ми-171, со ведро од два и пол тони кој значително ја намалил огнената линија на пожарот.  

Ангелов вели дека во текот на ноќта дежурни ќе останат екипа на Националниот парк „Маврово“, кои заедно со локалното население ќе внимаваат доколку огнот се приближи до селото.  

Покрај овој, како што информира директорот на ЦУК, и понатаму е активен пожарот на територијата на општина Македонски Брод, кај селото Белица, кој беснее повеќе од 20 дена. 

Пожарот кај селото Негрево во општина Пехчево, кој е активен веќе четврти ден и во кој гори мешана и борова шума, Ангелов информира дека е ставен под делумна контрола.  

Во врска со пожарот на планината Галичица, каде што гори од двете страни, и од охридската, и од ресенската страна, Ангелов рече дека се обидуваат да го изгасат од земја. 

„Овде се обидуваме да го изгаснеме од земја. Притоа тим алпинисти, односно доброволци од планинската спасителна служба од Охрид, заедно со вработени во Националниот парк „Галичица“ со хеликоптер ги исфрламе на врвот на планината и тие од таму се спуштаат кон огнените јазици и се обидуваат да ги изгаснат, иако од охридска страна веќе се развија два крака од кои што еден оди кон една планинарска куќа“,

вели директорот на ЦУК.  

Пожарот кај селото Врбен / Фото: ЦУК

Попладнево пожар на територијата на општина Кичево за малку ќе го зафател селото Патеец, но по интервенцијата на кичевските пожарникари и локалното население бил запрен пред самото село.   

„Една куќа беше благо опожарена, но не претрпи поголема штета“,

рече Ангелов. 

Ангелов рече дека се направени соодветни противпожарни пресеки онаму каде што може и оти верува дека огнот кој продолжува силно да гори нема да го загрози селото. Сепак, како што додаде, овој пожар се движи во насока на селото Козачино, каде што гори борова и букова шума.  

Директорот на ЦУК информира дека на територијата на општина Кичево има пожар и кај селото Зајас, а активни огнени стихии кои противпожарните екипи се обидуваат да ги стават под контола има кај селото Пласница во истоимената општина, на териториите на Кочани, Македонска Каменица и во општина Долнени. 

- Реклама -